Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добриндт има намера што е можно поскоро значително да го зголеми бројот полицајци на германските граници со цел да се намали нерегуларната миграција, а за таа цел се очекува да се сретне со претставници на Полицискиот синдикат (GdP), објавија германските медиуми во средата.
„По наредба од Министерството за внатрешни работи, бројот на полицајци на границите е зголемен“, изјави претседателот на GdP, Дитер Роман.
Медиумите известуваат дека новиот министер за внатрешни работи Александер Добриндт, од баварската Христијанско-социјална унија CSU, треба да се сретне со Роман и директорот на Федералната канцеларија за миграција и бегалци, Ханс-Екхард Зомер, за да ги координираат натамошните чекори.
Како што објави неделникот Spiegel во своето електронско издание, бројот полицајци на границите веќе е двојно зголемен на дванаесет чети, со стационарни и мобилни контроли по копнените граници, првенствено кон Австрија, Чешка и Полска.
За време на изборната кампања, демохристијанската Унија CDU/CSU најави затворање на германските граници за нелегалните имигранти уште од првиот ден кога дојдоа на власт. Според коалицискиот договор со социјалдеморкатите од SPD, меѓу оние на кои нема да им биде дозволен влез се и оние кои сакаат да поднесат барање за политички азил во Германија.
Новата влада сака сите оние кои влегуваат во Германија од друга земја-членка на ЕУ, според таканаречениот Даблински договор, според кој овие земји се одговорни за обработка на барањата за азил, да бидат вратени од германските граници, „во договор со партнерите од ЕУ“.
Шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај, за телевизиската станица RTL изјави дека веќе се спроведуваат построги проверки на границите, како и враќање на оние кои сакаат да побараат ази до земјата во која влегле во ЕУ.
„Законот на ЕУ предвидува дека барањето мора да се поднесе во земјата каде што лицето влегло на европско тло. Поради нејзината географска локација, ова не може да биде Германија“, рече Фрај.
Дирк Вајзе, потпретседател на пратеничката група на помалиот партнер на канцеларот Фридрих Мерц во владата, Социјалдемократската партија на Германија (SPD), смета дека германскиот устав го гарантира правото на можност за барање азил на секој што ќе се најде на германска територија.
„Тоа е она што беше договорено во коалицискиот договор“, заклучува Вајзе.
Забраната за влез во Германија за оние кои сакаат да аплицираат за азил беше една од најспорните теми на демохристијаните и социјалдемократите за време на коалициските преговори.