Фискалната консолидација, подобрувањето на макроекономската стабилност и поддршката на економската активност остануваат основни цели на фискалната политика за периодот 2026 – 2030 година, кои како основни насоки се содржани во Фискалната стратегија 2026 – 2030 година, подготвена од Министерството за финансии и која беше усвоена во Собранието.
Фискалната стратегија ги дава среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Односно, претставува смерница на фискалната политика на среден рок.
„Фискалната консолидација останува приоритет на Министерството за финансии со цел понатамошна макроекономска стабилност и поддршка на економијата за остварување повисоки стапки на економски пораст. Остануваме посветени на дисциплинирана фискална политика и управување со јавните средства, ефикасна наплата на приходите, намалување на сивата економија, одржување високо ниво на капитални расходи и континуирана поддршка на економијата преку капитални инвестиции.
Фискалната стратегија води кон намалување на буџетскиот дефицит и економски развој, односно, очекуваме буџетскиот дефицит да се намалува постепено и во континуитет и да достигне ниво под 3% согласно со фискалните правила“, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа додава дека останува определбата за зголемена транспарентност и отчетност во јавните финансии, со цел унапредување на ефикасноста на буџетските расходи.
Со Стратегијата се задржуваат ниските даночни стапки и даночна политика насочена кон одржлив економски пораст и развој и обезбедување правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи.
На среден рок од фискалните проекции се очекува зачувување на макроекономската стабилност и на фискалната одржливост со што ќе создадат поповолни услови за динамизирање на економската активност, активна и одговорна фискална политика во функција на економски пораст, дисциплинирана буџетска потрошувачка преку ефикасно искористување на средствата и реализација на зголемени перформанси од работењето со подобрен квалитет на јавните услуги, реализација на капиталните расходи и на инфраструктурните проекти во приоритетните области, во согласност со владините политики, кои ќе генерираат позитивни ефекти врз економскиот пораст на среден рок.