Српскиот тениски ас, Новак Ѓоковиќ, уште еднаш покажа зошто многумина го сметаат не само за еден од најголемите во историјата туку и за голем човек надвор од терените.
Иако неговиот настап на годинашниот Ролан Гарос заврши порано од очекувањата, Србинот привлече внимание со гест што трогна многумина ширум светот.
Во центарот на вниманието беше младиот американски тенисер Закари Свајда, кој го постигна најголемиот успех во кариерата со пласманот во четвртото коло на Ролан Гарос.
Додека добиваше честитки од сите страни, една порака посебно го погоди право во срцето. Ѓоковиќ му испратил порака на „Инстаграм“: „Честитки, Зак. Ти го заслужуваш тоа. Татко ти ти се смешка.“

Кратките зборови на Новак имаа огромно значење за младиот Американец, кој минатата година го загуби својот татко.
Свајда секој успех му го посветува токму нему, а пласманот во четвртото коло во Париз доби уште поголема тежина бидејќи се случи на денот кога неговиот покоен татко требаше да го прослави роденденот.
Американецот не ги криеше емоциите по пораката од српскиот шампион.
„Благодарам Ноле“, одговори Свајда.
По големиот триумф зборуваше и за тоа колку овој ден бил посебен за него.
- Денешниот натпревар беше посебен. Атмосферата беше неверојатна и многу емотивна. Денеска е роденден на татко ми, го загубив минатата година. За време на натпреварот, постојано размислував за него. Тој ми рече да уживам кога сум на теренот и да верувам во себе, изјави Свајда.
Во време кога спортот често се сведува само на резултати и статистика, Ѓоковиќ со едноставен, но искрен гест покажа дека човечката страна на спортот никогаш не смее да се заборави.
Затоа неговата порака брзо се прошири на социјалните мрежи, а реакциите беа едногласни – шампионите не се препознаваат само по освоените трофеи, туку и по вакви моменти.











