epa12427754 Novak Djokovic of Serbia reacts during his Men's Singles match against Marin Cilic of Croatia at the Shanghai Masters tennis tournament in Shanghai, China, 03 October 2025. EPA/ALEX PLAVEVSKI

Најдобриот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, беше поразен во полуфиналето на Мастерсот во Шангај, од 204. играч во светот, Валентин Вашер. Иако не успеа да го одбрани финалето од минатата година, српскиот ас ќе ја задржи петтата позиција на АТП-листата, но она што ги загрижува сите фанови е физичката состојба на 38-годишниот тенисер.

Ѓоковиќ се мачеше со повреда во текот на целиот натпревар, неколкупати беше масиран од физиотерапевт, чекајќи лековите против болка да дејствуваат, но на крајот, „ги спушти рацете“. Од другата страна на мрежата, имаше високомотивиран ривал, кој првпат во кариерата се пласираше во финалето на еден Мастерс турнир. Ѓоковиќ не сакаше ништо да одземе од успехот на противникот, па затоа одби да зборува за повредата. Сепак, ќе мора да го стори тоа наскоро бидејќи се пријави за „Сикс кингс слем“, егзибициски турнир закажан од 15 до 18 октомври во Ријад.

На овој турнир, како и минатата година, ќе учествуваат шест елитни тенисери – Новак Ѓоковиќ, Карлос Алкараз, Јанис Синер, Александар Зверев, Стефанос Циципас и Тејлор Фриц.

Ѓоковиќ втора година по ред игра на егзибицискиот турнир во Ријад, што е во согласност со самиот крај на сезоната. Иако тенисерите се жалат на безмилосниот распоред, тие не можеа да одбијат таква покана од организаторите. Загарантирано е секој учесник да добие 1,5 милиони долари, а победникот ја добива најголемата тениска награда во историјата на тенисот, шест милиони долари.

Во споредба со турнирите на гренд-слем, тоа е речиси двојно поголема заработка бидејќи победниците на четирите најголеми турнири добиваат 3,8 милиони долари. Минатата сезона, Јаник Синер беше победник, додека Новак беше поразен во полуфиналето.

До крајот на сезоната, Ѓоковиќ го потврди своето учество само на уште еден АТП-турнир, а тоа е турнирот во Атина, кој ќе се игра од 2 до 8 ноември. Се претпоставува дека, како и минатата сезона, нема да игра на Мастерсот во Париз, ниту на Завршниот турнир во Торино, така што по овие два турнира ќе направи пауза, а потоа ќе започне со подготовките за новата сезона и освојувањето на Австралија опен, што сигурно ќе му биде најголема мотивација во 2026 година.

 

 

ИЗДВОЕНИ