
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ моментално е трет во трката за финалниот турнир во Торино, каде што се натпреваруваат осумтемина најдобри играчи во сезоната.
Најдобриот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, беше поразен во полуфиналето на Отвореното првенство на САД од Карлос Алкараз, но и покрај неуспехот, профитираше. Пред почетокот на последниот гренд слем во сезоната, тој беше седми на АТП-листата, а од овој понеделник е на четвртата позиција. Каква е ситуацијата на трката за финалниот турнир во Торино?
Шпанецот Карлос Алкараз и Италијанецот Јаник Синер продолжуваат да доминираат и се единствените двајца играчи што обезбедија билети за финалето на АТП. Следен во трката е 38-годишниот Новак Ѓоковиќ со 4.180 поени, а и Германецот Александар Зверев има ист број. По пласманот во полуфиналето на Отвореното првенство на САД, во игра се врати и Феликс Оже-Алијасиме.
Алкараз беше првиот играч што обезбеди место во финалето откако се квалификуваше на 8 јули, завршувајќи како второпласиран на Вимблдон, а Синер му се придружи на 8 август.
Шпанецот има предност од 2.590 поени пред Синер откако ја освои титулата на САД Опен, а остануваат само неколку големи турнири во сезоната. Со оглед на тоа што двајцата веќе се во ждрепката за завршниот турнир од сезоната во Торино, остануваат само шест места. Ѓоковиќ и Зверев се на работ да го обезбедат својот билет за Торино.
Бен Шелтон, Тејлор Фриц, Алекс де Мајнор и Лоренцо Мусети моментално ги комплетираат првите осуммина, додека оние што се рангирани на деветтото и на десеттото место на АТП- листата, по регуларната сезона на АТП-турнејата ќе патуваат во Италија, како резервни играчи. Џек Дрејпер испадна од првите осуммина откако се повлече од САД Опен поради повреда, но Оже-Алијасим профитираше.
Новак Ѓоковиќ го држи рекордот по број на победи на завршниот турнир, бидејќи го крена пехарот рекордни седум пати на крајот од сезоната. Исто така, рекордни осум пати ја заврши годината како тенисер број еден во светот.