Најдобриот тенисер на денешницата, Србинот Новак Ѓоковиќ, иако беше на чекор од елиминација на првиот гренд – слем турнир Австралија опен, сепак се пласираше во полуфиналето благодарение на неговиот противиник Италијанецот, Лоренцо Мусети, кој му го предаде мечот при водство од 2:0 во сетови, поради повреда на бутниот мускул.
Сепак, Србинот не го криеше разочарувањето од начинот на кој заврши мечот, искрено признавајќи дека Италијанецот бил далеку подобар ривал на теренот и дека исходот не е резултат на неговата игра.
„Навистина не знам што да кажам, многу ми е жал. Тој беше многу подобар, јас практично веќе бев на пат кон дома. Да имаш таква контрола и водство од два сета… Му посакувам брзо закрепнување и што поскоро враќање на терените“, изјави Ѓоковиќ и додаде:
„Имав неколку добри гема, но и околу 40 неизнудени грешки. Мусети е таков играч – кога го напаѓате, не знаете што ќе следи, долга или скратена топка. Искрено, не знам што да очекувам понатаму. Во претходната рунда противникот се откажа, сега бев во негатива од два сета. Ќе се молам и ќе се подготвувам за следниот меч. Не сум задоволен од мојата игра, но има и такви денови. Се надевам дека за два дена ќе бидам многу подобар“, додаде Ѓоковиќ.
За Новак ова е втор последователен меч на турнирот во кој минува во следната рунда без класична победа на теренот. Негов ривал на патот кон финалето во Мелбурн ќе биде подобриот од последната четвртфинална пресметка меѓу Бен Шелтон и Јаник Синер.












