Нова зима, нов удар по џебот – парното ќе не топли, сметките ќе не горат!

Од понеделник, парното поскапува за 5,9 отсто за поголем дел од потрошувачите. Тоа значи дека потрошувачите во просек ќе добиваат повисоки сметки за 130 денари. Зголемувањето на цената, како што посочи првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, е поради неопходни инвестиции за санација на топловодната мрежа. Што се однесува до цената на струјата, тој рече дека нема да има промени во цените за пренос, дистрибуција и оператор на пазар. Но, за конечната цена треба да почекаме уште две недели за да ги видиме резултатите од тендерот за загубите во дистрибутивната мрежа и „ЕВН Хоум“ да ја достави пресметката до нас

1

Од 1 декември, цената за парно за преку 60 илјади потрошувачи се зголемува за 5,9 отсто. Потрошувачите приклучени на Железарското парно ќе плаќаат повисока цена за 7,6 отсто, а на топланата Скопје Север за 7,7 отсто. Како што соопшти претседателот на Регулаторна комисија, Марко Бислимоски, семејство кое досега плаќало 2.200 денари, сега ќе плаќа за 130 денари повеќе, односно сметката ќе им биде 2.330 денари.

– Зголемувањето на цената е поради неопходни инвестиции за санација на топловодната мрежа. Во периодот што претстои мора да се направи долгорочно стратешко планирање и да се започне со сериозна санација и модернизација на топлинската мрежа која е стара од 1960 година. Овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување, ќе овозможат ширење на мрежата што ќе влијае врз зголемување на конзумот. Ќе повторам и сега дека затоплувањето на парно е најекономично, анализите покажаа дека доколку сите исклучени од парно повторно се приклучат на системот, сметките ќе се намалат за околу 10 отсто, изјави Бислимоски.

Како што посочи тој, поради голем број поплаки од граѓаните е потребно санирање на дефектите и модернизација на топлинската мрежа. Токму поради тоа, како што рече, треба да се зголемат инвестициите во дистрибутивната мрежа и да не се повторуваат ваквите испади. Само во октомври имало 22.562 рекламации од граѓани, а во ноември нивниот број се намалил на 4.854 рекламации.

– Очекувам во наредните месеци да се подобри ситуацијата со снабдување со топлинска енергија и да се намали бројот на поплаки од граѓаните. Бројот на вработени во трите компании кои испорачуваат топлинска енергија нема да биде на товар на граѓаните, односно 150 вработени не се признаени како трошок во цената на парното. „ЕСМ Дистрибуција“ ќе преземе активности за подлабинско скенирање во делови на мрежата каде што има проблеми, изјави Беслимоски и додаде дека нивното барање било цената на парното да се зголеми за 40 отсто.

Од 2023 година, топлинската мрежа ја управува државна компанија – ЕСМ Дистрибуција, поради што првиот човек на Регулаторна се надева дека таа ќе работи подомаќински, односно ќе испорача квалитет на топлинска енергија што го бараат граѓаните.

– Трендот на исклучување на граѓаните од парно греење мора да се спречи, зашто ако се намали бројот на потрошувачи, ќе се зголеми цената. Ги поздравуваме измените во Законот за градба со кои се овозможи новите згради да се приклучат онаму каде што постои систем на топлинска енергија, додаде Бислимоски.

Инаку, 62 илјади потрошувачи се приклучени на системот на ЕСМ Дистрибуција, на железарско парно се 1.900 потрошувачи, а на Скопје – Север 400 домаќинства.

Нема да има ценовен шок за домаќинствата

И премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бранко Бислимоски, уверуваат дека нема да има ценовен шок за домаќинствата бидејќи Владата ќе продолжи да ја субвенционира.

– Во текот на следната недела ќе ги донесеме цените за пренос, дистрибуција и оператор на пазар и не очекуваме никакви промени во тој дел. Треба да ги видиме резултатите од тендерот за загубите во дистрибутивната мрежа. ЕСМ понуди цена од 65 евра за мегават час, а дополнително, тука е и дистрибутивната маржа на „ЕВН Хоум“ од 9,9 отсто. Потоа „ЕВН Хоум“ ќе направи пресметка и ќе ја достави до нас. Така што, за две недели, односно во средината на декември треба да се знае конечната цена на струјата, изјави Бислимоски.

И покрај тоа што ЕСМ нуди цена која е пониска од пазарната која во моментов изнесува 130-140 евра за мегават-час и од неговата производствена, Бислимоски не очекува да има големи промени во цената за домаќинствата.

Во однос на поведената постапка на Уставен суд за укинување на блоковите, тој рече дека тие ја завршија работата во моментот кога беше потребно, односно ја намалија потрошувачката за време на енергетската криза. Така што, ако сега се укинат блоковите, ќе имаме само евтина и скапа струја.

Инаку премиерот Мицкоски рече дека Владата и понатаму ќе продолжи да ја субвенционира цената на електричната енергија, така што нема да има ценовен шок за домаќинствата.

– Која ќе биде крајната цена, одредува регулаторот. „АД ЕСМ“ поднесе целна цена од 65 евра за мегават-час, што е три евра или околу четири проценти повеќе, но никако преку сто евра колку што е пазарната цена. Иако претходно како Влада бевме критикувани, и во Извештајот на ЕУ, но и од дел од јавноста дека не спроведуваме еден од чекорите кои се дел од планот за пораст, а тоа е либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствата, јасно кажавме дека тој чекор нема да го примениме бидејќи ако го примениме цената на електричната енергија нема да биде 63,65 евра туку сто евра за мегават-час. Тогаш вкупната цена на електричната енергија за домаќинствата ќе поскапи за фантастични 50 проценти, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата со сиот политички ризик ќе продолжи да ја субвенционира цената на електричната енергија за да се заштити стандардот на граѓаните.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ