вторник, февруари 24, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нова верзија на мобилната апликација СЕИНет

Нова верзија на мобилната апликација СЕИНет

35

Македонската берза изврши целосен редизајн на мобилната апликација СЕИНет, која е наменета за транспарентен, брз и едноставен пристап до сите информации кои котираните акционерски друштва задолжително ги публикуваат преку Системот за Електронски Информации на Берзата (СЕИНет).

Како што објави Берзата, новото издание на мобилната апликација СЕИНет нуди појасен визуелен преглед и подобрена навигација, овозможувајќи им на корисниците експресен преглед и пристап до сите објави, категории на информации и издавачи, а корисниците имаат можност да изберат конкретни компании и да добиваат известувања веднаш по нивната објава.

Воведени се нови алатки за филтрирање по датум, компанија, категорија и клучен збор, а сите документи се достапни со еден клик, со опција за директно преземање.

Достапен е и Тикер со податоци за движењето на цените – приказ на просечните цени на сите хартии од вредност кои се тргуваат на Берзата (со задоцнување од најмногу 15 минути во однос на реалното време на склучените трансакции) и нивна процентуална промена во однос на официјалната просечна цена постигната на претходниот ден на тргување.

Преку електронскиот систем СЕИНет (www.seinet.com.mk) акционерските друштва кои котираат на Берзата ги објавуваат информациите согласно Правилата за котација, а инвеститорите и пошироката јавност добиваат навремени и точни информации за различни аспекти од работењето на компаниите и релевантно носење на инвестициски одлуки.

На Берзата моментално се котирани 92 компании и банки.

Новата СЕИНет мобилна апликација на Берзата е достапна за бесплатно преземање преку: Google Play Store Apple App Store.

ИЗДВОЕНИ