Министрите за финансии на Европската унија се согласија да воведат привремена такса од три евра по пратка од јули 2026 година за сите мали пакети што пристигнуваат од Кина и други земји надвор од Европската унија.
Овој режим ќе биде преодно решение до 2028 година, кога ќе стапи на сила нов царински систем со трајни тарифи за пакети во вредност под 150 евра, кои досега не подлежеа на царини, објавува Блумберг.
Привремената такса е воведена под притисок од Франција, а министерот за финансии на земјата, Ролан Леские, изјави дека малите пратки што се ослободени од царински давачки претставуваат „нелојална конкуренција на традиционалната трговија“ и дека е време да се воведе паушална такса.
Целта на новата мерка, како што нагласуваат европските министри, е да се обезбеди порамноправна конкуренција за европските компании, кои со години страдаат од огромниот прилив на евтини пратки од кинески онлајн продавници како што се Шејн, Тему и Алиекспрес.
Според податоците на Европската Унија, бројот на пакети од Кина во вредност помала од 150 евра се зголемил од 1,9 милијарди во 2023 година на 4,2 милијарди во 2024 година, што претставува дури 91 процент од ваквите пратки.
Новите правила формално важат за сите пакети од трети земји надвор од ЕУ во вредност до 150 евра.












