Во рамките на гостувањето на Народното позориште од Белград на големата сцена на Македонскиот народен театар, со изведбата на претставата „Вообразениот болен“, се одржа официјална средба меѓу директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, и извршната директорка на Драмата на Народно позориште – Белград, Анѓелка Вујовиќ.
Средбата помина во духот на заемната почит и на уметничкиот дијалог, со акцент на продлабочувањето на културната соработка, размената на искуства и на унапредувањето на регионалната театарска сцена. Овој чин претставува уште една потврда за значењето на меѓународната размена како простор на културно зближување, каде што театарот останува жив мост меѓу традицијата и современиот сценски израз.
Заедничките гостувања, како и она на „Народен пратеник“ на 4 јуни оваа година во Белград, се во пресрет на одбележувањето на јубилејот 80 години МНТ.












