Локалните самоуправи предупредуваат дека без продолжување на рокот за легализација, околу 200 илјади објекти ќе останат нерешени, а граѓаните ќе го изгубат правото да ги завршат започнатите постапки. Иницијативата на Општина Битола, поддржана од ЗЕЛС, предвидува пролонгирање на Законот за постапување со бесправно изградени објекти до 3 март 2031 година, со цел да се овозможи завршување на предметите кои сè уште се во процес поради судски и имотноправни компликации

 

Во пресрет на истекот на рокот за легализација на бесправно изградени објекти, локалните самоуправи инсистираат на продолжување на законската можност за завршување на започнатите постапки. Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој треба да престане да важи на 3 март 2026 година, според иницијативата на Општина Битола и поддржан од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), би требало да продолжи да важи заклучно со 3 март 2031 година.

За таа цел, група пратеници до Собранието поднесоа предлог-законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти за пролонгирање на важноста на законот за уште 5 години, а со образложение дека голем дел од предметите не се завршени поради судски спорови, наследни прашања, имотноправни компликации и други непредвидени околности.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски образложи дека со предложените измени, наместо досегашните 15 години, законот ќе важи вкупно 20 години и ќе им овозможи на општините да ги завршат започнатите постапки без потреба од нови барања, а на граѓаните да не останат со нерешен статус на своите домови поради административни пречки или бавни процедури.

– Многу наши сограѓани со години се заглавени во судски спорови за имотно‑правни односи и различни постапки кои не се по нивна вина. Доколку рокот истечеше на 3 март 2026 година, илјадници предмети ќе беа прекинати по сила на закон во фазата во која се наоѓаат – истакна Стојановски.

Од ЗЕЛС посочуваат дека без продолжување на рокот, сите започнати постапки ќе бидат запрени по сила на закон. Тоа значи дека граѓаните кои вложиле предмети за легализација ќе го изгубат правото да ги завршат постапките, а општините ќе останат со нереализирани предмети, што може да предизвика правна и финансиска нестабилност во локалната администрација.

Во иницијативата е наведено дека продолжувањето на рокот нема да предизвика дополнителни трошоци за буџетот на државата, бидејќи се работи за завршување на постапките кои веќе се започнати.

До 2025 година, биле поднесени вкупно 473.352 барања за легализација низ целата држава. Од нив, 271.857 објекти биле легализирани, додека 201.495 остануваат нерешени или со статус на дивоградба, односно нивните предмети биле или одбиени или сè уште не се решени. Нема официјални податоци од надлежни институции (Министерство за транспорт и врски, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам и од Државниот завод за статистика) кои конкретно кажуваат колку дивоградби биле легализирани само во 2025 година.

Лани, кога беше актуелна темата „дивоградби во Чаир“, директорот на Државниот  инспекторат за градежништво и урбанизам, Зухејр Реџепи, во интервју за „Лајм“, меѓу другото, изјави дека проблемот со неовластено градење е проблем и феномен во сите општини во државата. Според него, листата за нелегални градби ја предводи Гази Баба со 10.934 дивоградби, по што следуваат Гостивар со 8.878 дивоградби, Прилеп со 8.515 дивоградби, Тетово со 8.265 дивоградби, Струга со 7.674 дивоградби, Охрид со 7.589 дивоградби, Кичево со 7.071 дивоградби, Куманово со 5.366 дивоградби, Струмица со 5.235 дивоградби, а во топ-10 влегува и Липково со 5.103 дивоградби, а општина Чаир се наоѓа на 19 место со 3.258 дивоградби.

Законот за постапување со бесправно изградени објекти беше донесен во март 2011 година и беше продолжуван во два наврати, со што беше даден рок од вкупно 15 години општините да ги решат пристигнатите барања за легализација. Посочените бројки покажуваат дека процесот на легализација е далеку од завршен, а во некои општини, како Тетово и Гостивар, околу половина од објектите сè уште чекаат правно решавање. Тоа говори дека легализацијата на дивоградби е комплексен и долг процес, а продолжувањето на рокот е практично решение за да се завршат започнатите постапки и да се избегнат негативни правни и социјални последици и за граѓаните и за општините.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ