Наоѓање правни механизми преку кои по локалните избори ќе бидат отстранети дел од судиите и од обвинителите кои се генератори на корупцијата во земјава, најави премиерот Христијан Мицкоски. Ова е последна најава во серијата негови најави за темелни промени во областа на правосудството, кои почна да ги упатува од крајот на минатата година најавувајќи „робусни акции во правосудството“. Денешната најава доаѓа по незадоволството што тој и неговата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ вчера го изразија по изрекувањето на условната осуда на онкологот Мери Пешевска во случајот „Онкологија“. Мицкоски рече дека менувањето на дел од обвинителите и на судиите ќе се случи без оглед на критиките кои евентуално ќе се појават во јавноста. Според него, се работи за отстранување на судии и обвинители кои се последен бастион на одбраната на функционери на поранешната Влада.
– Со овие неколкумина судии и обвинители што се последен бастион во одбрана на поранешната Влада на СДСМ и ДУИ, правдата е невозможна. Затоа, по локалните избори ќе ги најдеме сите правни механизми, без разлика какви и да се критиките. Мора да имаме обвинители кои ќе обвинуваат и судии што ќе судат според законот и според Уставот. Ќе почнеме и со еден цел серијал на случаи како суделе одредени судии и како обвинувале поединечни обвинители – најави Мицкоски за време на посетата на скопската општина Ѓорче Петров.
Премиерот не објасни за какви правни механизми ќе се работи. Тој ги обвини СДСМ и ДУИ дека имаат заштитнички став кон мал дел до судиите и обвинители кои ја генерираат корупцијата во земјава.
– Не очекувам од тие што ги поставија овие судии и обвинители да имаат поинаков став од оној што го имаат – заштитнички. Тоа се политичари кои доаѓаат од Мала Речица и од „Бихаќка“ и кои стојат во одбрана на криминалот и на корупцијата во минатото. Оти се свесни и исплашени дека оној шверцерски закон што го протнаа со европското знаме не е доволен да ги спаси и дека има и други одредби кои го препознаваат нивниот криминал – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека македонската јавност виде дека не се зборува за суштински промени во правосудството, туку за зголемувањето на платите.
– Дали ние ќе одвоиме, да речеме, двапати повеќе од некои поразвиени земји членки на ЕУ. Еве, оставам јавноста да суди за платите на судиите и на обвинителите. Тоа е суштината. Дали со 1,3 отсто од БДП, кој во 2028 година планираме да биде околу 20 милијарди долари, тие да имаат буџет од 260 милиони долари? Јавноста нека суди дали тие ја заслужиле платата. Па да кодошат таму во Брисел дека Владата не им ги зголемила платите. Јавноста и тие во Брисел нека судат дали тие луѓе, кои се генератори на корупцијата во државата, наместо да се борат против корупцијата – ја заслужуваат плата, нагласи премиерот.
Прексиноќа, и во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ се најави „одлучна акција“ во сферата на правосудството.
– Ако до Нова година нема чекори за борба против корупцијата за еклатантни примери на криминал, ние ќе тргнеме во одлучна акција која ќе направи коренити промени во правосудството. Со судството и со обвинителството во Македонија раководат кланот Заеви и кланот Ахмети. Тие се директните виновници кои држат судии и обвинители затоа што се уплашени поради криминалот што го имаат направено. Затоа, секоја пријава на МВР, докази, допрен глас и укажување од Владата или од јавноста за криминал на луѓе од СДС и ДУИ, завршуваат без епилог, во нечија фиока, или се затворени како случаи. Доаѓаат тешки моменти за корумпираните судии, обвинители, политичари и бандити – нагласија од владејачката партија.
Ваквите ставови наидоа на реакција и кај најголемата опозициска партија, СДСМ, од каде обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ ги закочи реформите во правосудството и го партизираше.
– Мицкоски одби да ги донесе неопходните реформски закони и покажа дека нема никаква намера за независно судство туку само едно, заробено и послушно судство, под диктат на ВМРО-ДПМНЕ. За 2025 година беа предвидени вкупно 12 закони, од нив, во Собранието не е поднесен ниту еден. Наместо реформи и независно судство, Мицкоски го претвори судството во партиска филијала, со судии кои се сопружници на негови градоначалници и роднини на неговите коалициски партнери. Без вистински реформи во судството и независни институции нема правда – соопштија од оваа опозициска партија.
Нејзиниот лидер прексиноќа го обвини премиерот Мицкоски дека е директно одговорен за состојбата во судството, а неговата влада направи нула реформи.
– Сметам дека е апсолутно недозволиво премиерот да се однесува како независен аналитичар и да ги коментира само состојбите во правосудството, кога тој е директно одговорен за спроведување на реформите – рече Филипче.
Премиерот Мицкоски и минатата година остро ги критикуваше состојбите во правосудството, нагласувајќи дека досегашната толеранција на ваквите неправилности ја поттикнува корупцијата.
– Додека имаме вакви судии и обвинители, корупцијата и криминалот ќе цветаат. Време е за робусна акција и нови чекори – изјави тој во ноември минатата година.
Тој неодамна најави дека разрешувањето на државниот обвинител, Љупчо Коцевски, ќе продолжи по локалните избори. (Б. Ѓ.)