четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВА МЕРКА ЗА СТИМУЛИРАЊЕ НА НАТАЛИТЕТОТ: Ќе донесе ли повеќе бебиња даночниот...

НОВА МЕРКА ЗА СТИМУЛИРАЊЕ НА НАТАЛИТЕТОТ: Ќе донесе ли повеќе бебиња даночниот рај за мајките?

Се работи за поврат на средствата на мајката што ќе роди прво дете од една година, второ дете две години и трето дете, сè додека највозрасното не стане полнолетно. Мајката да биде ослободена од данок – објасни македонскиот премиер

1168

Ослободувањето на мајките од данокот ќе биде една од мерките со кои во земјава ќе се стимулира поголемиот наталитет, кој последниве години забележува рекордно ниски нивоа. Ова го најави македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој рече дека, на тој начин, ќе се добијат пристојни суми со кои ќе може да се покријат одредени трошоци. Според него, мерката е дел од предвидените содржани во демографската стратегија на земјава, во која е наведено дека еден од нашите врвни приоритети е и поддршка за формирање семејства и поддршка на родителите.

– Правиме и одредени стимулации кои се надвор од веќе постојните. А тоа е ослободување на мајката, или, би рекол, поврат на средствата на мајката што ќе роди прво дете од една година, второ дете две години и трето дете, сè додека највозрасното не стане полнолетно. Да биде ослободена од данок. Тоа е една пристојна сума годишно, со која се покриваат одредени трошоци – изјави премиерот Мицкоски во интервју за утринската програма на Македонска телевизија.

Не се планира финансиско стимулирање на раѓањата

Тој не објасни детално на каков начин ќе се спроведува оваа мерка. Одговарајќи на новинарското прашање дали во иднина Владата ќе применува финансиско стимулирање на наталитетот, тој потенцира дека не се планира такво нешто.

– Не можеме да го стимулираме тоа материјално бидејќи се докажа дека тој концепт, кога материјално бил стимулиран, дека не успеал. Еве, Јужна Кореја, па и голем дел од западноевропските земји членки на ЕУ. Податокот за Чешка покажува дека таа земја има најниска стапка на родени деца од 1783 година, па наваму. Јужна Кореја е земја со најниска стапка на фертилитет во светот, а има потрошено стотици милијарди долари за стимулирање на наталитетот и демографијата. Тоа не е начинот на кој треба да го стимулираме тоа. Тоа е еден концепт кој треба да се поврзе со свеста и со совесноста – нагласи македонскиот премиер.

Според него, нашите ресурси за стимулирање на наталитетот се ограничени и мали и дека ориентација на Владата е да се гради стабилен општествен систем и тоа се прави последниве две години.

–– И во еден момент, ние ќе дојдеме до еден стабилен систем  и мислам дека се ближиме до таа ситуација, во која ќе нема криминални банди по градот, кои дивеат, уценуваат, рекетираат, ќе нема висока корупција, скандали и сите ќе се чувствуваат онака како што треба да се чувствуваат, правдата да важи за секого. Ценам дека ќе дојдеме во една таква ситуација оваа година, и тоа е она што ни беше цел од самиот почеток. Освен ова, мора повторно да создадеме припадност кон татковината, кон идентитетот. Верувам дека секое дете, кога ќе тргне на училиште, првата лекција не треба му биде јас, тато и мама туку јас – дада, бато, тато и мама. И ако тоа им го врежеме уште од најрани години, тогаш, најверојатно, во својот развој, кога ќе се одлучат да формираат семејство, тие ќе се сетат на ова – рече Мицкоски.

За осум години, земјава останала без 15 основни училишта     

Премиерот потсети дека од 2017 година па наваму, во земјава се случил драстичен пад на наталитетот од 22.000 до 24.000 на бројка од само 16.000 и нешто бебиња. Практично, земјава останала без 15 основни училишта со по 20 училници. На загрижувачко намалување на наталитетот во Македонија неодамна предупреди и бриселски „Евростат“, кој објави загрижувачки податоци за намалувањето на бројот на новороденчиња во европските земји, но и за Македонија, а кои се однесуваат на 2024 година.

– Во Европската Унија, во 2024 година се родиле 3,55 милиони бебиња, што е намалување од 3,3 отсто во споредба со 2023 година, додека вкупната стапка на фертилитет за 2024 година изнесува 1,34 живородени деца по жена во ЕУ, што е намалување во споредба со 1,38 во 2023 година. Во Македонија, стапката на фертилитет во последните десет години, исто така, се намалува и се движи од 1,52 во 2004 и 2014 до 1,49 во 2023 и 1,44 живородени деца по жена во 2024 година. Ваквата стапка на фертилитет е значително под нивото од 2,1 живородени деца по жена потребно за природна обнова на населението, со што Европа и нашата земја веќе влегуваат во сериозни демографски предизвици – беше наведено во објавата на „Евростат“.

Тогаш, во 2024 година, во Македонија беа родени вкупно 16.061 деца, со што продолжи намалувањето на бројот на новороденчиња во новите генерации население во земјава. Тој надолен тренд практично трае цели 70 години и никако да запре. Така, на пример, ако во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња, бројот во 1994 година опаднал на 31.421, во 2010 година на 24.296, во 2020 – 19.167… Но, најлоша состојба се бележи од 2021 година, кога имаше 18.648 новороденчиња, па 18.183 новороденчиња во 2022, 16.859 во 2023. Најлоши резултати биле забележани лани, кога во породилиштата во земјава дошле на свет рекордно мал број бебиња – само 15.531! Ако се додаде дека лани имало 19.921 умрено лице, тогаш излегува дека само лани, населението во земјава се намалило за 4.381 лице, како да исчезнал цел еден помал македонски град. (Б. Ѓ.)

Повторно да се создаде припадност кон татковината и кон идентитетот

– Мораме повторно да ја создадеме онаа припадност кон татковината, кон идентитетот. Јас знам дека имало многу разочарувања поради „исплакнати“ луѓе кои ја воделе државата, но тоа мораме да го надминеме, затоа што ние сме една од најмалубројните нации во Европа и единствениот начин да успееме е ако ги почитуваме тие вредности. Ако не ги почитуваме тие вредности, јас се плашам дека некоја идна наша генерација ќе се соочува со предизвикот за опстанок и дали воопшто ќе постоиме, рече премиерот Мицкоски во интервјуто.

 

ИЗДВОЕНИ