Во првата половина од следниот месец Министерството за финансии ќе објави нова граѓанска обврзница со оглед дека имаше голем интерес во изминатиот период за првата обврзница.
– Граѓаните постојано го поставуваа прашањето до Министерството за финансии дали ќе има нова граѓанска обврзница. Тоа значи дека на некој начин културата на инвестирање кај граѓаните се менува и очекувам таа иста група на граѓани, која не е повеќе од два илјади лица, повторно да инвестира и тоа не е некој голем износ – истакнува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во телевизиско интервју.
Условите под кои ќе се издаде обврзницата ќе бидат познати кога ќе биде објавен проспектот.
За парите од унгарскиот заем наменет за поддршка на домашните компании, таа истакна дека досега се пласирани 190 милиони евра.
– Преку бројки сме докажале дека сме ја погодиле целта. Ако податоци за БДП покажуваат дека имаме огромни раздвижувања, ако статистичкиот индикатор во градежништво покажува дека имаме раст во градежништвото, тогаш сметам дека сме ја постигнале целта. Значи, да му помогнеме на приватниот сектор којшто долгорочно би размислувал да остане тука, бидејќи нашата цел беше да им дадеме на компаниите помош да инвестираат, да не размислуваат да затвараат и да се префрлаат во други земји. Преку овие инвестиции таа цел е постигната – потенцира министерката.
Во однос на средствата од унгарскиот заем наменет за поддршка на реализација на проекти во општините, Димитриеска-Кочоска посочува дека во 2024 година се реализирани 21 милион денари и 2,2 милијарди денари во 2025 година, но нагласува дека на терен реализацијата може да е поголема и дека тоа ќе се види во наредниот период.
Јавниот долг, смета министерката не треба да загрижува кога има проектирани стапки на раст коишто ќе се остварат.
– Нема поголем доказ од растот на БДП дека Владата работи правилно. Јасно е дека стапките на БДП отсликуваат дали политиката е добр – вели Димитриеска-Кочоска.
Првата граѓанска обврзница беше издадена на 13 јули 2023 година со рок на достасување од 2 години и каматна стапка од 5% годишно. Во јули годинава беше исплатата на главницата и каматата за втората година, при што на сметките на 1.448 граѓани „легнаа“ 1,4 милијарди денари (23,5 милиони евра), износ кој беше запишан во граѓански обврзници и камата за втората година во износ од 72,4 милиони денари (1,2 милиона евра).
Граѓанската обврзница беше воведена како нов иновативен производ наменет за граѓаните, а со цел унапредување на пазарот на државни хартии од вредност.
Министерството за финансии, имено, издаде 2 емисии на граѓански обврзници во вкупен износ од 41,1 милион евра. Втората граѓанска обврзница беше издадена на 7 ноември 2023 година во износ од 17,6 милиони евра, а таа доспева овој месец.




![[Интервју] Пројковски: Театарот треба да го каже она за што другите молчат](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/11/prr-450x300.jpg)







