Делчево доби нов современ објект за згрижување на најмалите – детската градинка во населбата Расадник.
Со капацитет од 130 деца, поделени во шест воспитни и во две јаслени групи, установата ќе придонесе за целосно укинување на листата на чекање за прием во градинка.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, истакна дека овој проект е значаен чекор во унапредувањето на условите за најмладите жители на Општината.
– Новата детска градинка е современ и уникатен објект, кој ќе го краси Делчево. Нејзината намена – да згрижува и воспитува дечиња од најмала возраст ќе значи и анулирање на листата на чекање, а родителите ќе добијат сигурно и квалитетно место за своите деца – изјави Трајковски.
Градинката организациски ќе биде дел од ЈУДГ „Весели цветови“, но ќе работи како независна целина.
– По завршениот технички прием, објектот ќе биде подготвен да ги прими новите групи – наведе Трајковски.
Инвестицијата е вредна околу 60 милиони денари со ДДВ, обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади и од Општина Делчево. Изведувач на работите е фирмата „Атриум“ ДООЕЛ Вевчани.