„Нова ера на семејна забава во главниот град“: Скопје ќе добие нов „Луна парк“, почнува јавната набавка за проектирање и монтажа, најави Ѓорѓиевски

41

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска соопшти дека започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на долгоочекуваниот забавен комплекс, со што се става крај на, како што вели, „години оддолговлекувања и лажни ветувања“.

Ѓорѓиевски во својата објава истакнува дека по децении во кои генерации деца беа лишени од свое место за игра и семејна рекреација, конечно започнува реализацијата на проект што треба да означи „нова ера на семејна забава во главниот град“.

Според најавите, новиот Луна парк ќе биде изграден според европски стандарди и ќе понуди ултрамодерни содржини: ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и современи системи за безбедност. Ќе биде целосно прилагоден и за лица со попреченост.

На просторот од 84.000 квадратни метри ќе бидат сместени и зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена. Панорамско тркало, пиратски брод, подморница и „среќна лулашка“ се дел од реквизитите што ќе го збогатат изгледот и туристичкиот имиџ на Скопје.

„Како што ветив – најдоброто доаѓа. Скопјани конечно добиваат „Луна парк“ што ќе биде симбол на нов почеток и едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“, порача Ѓорѓиевски.

ИЗДВОЕНИ