Денес, аеродромот во Вилнус во Литванија повторно беше привремено затворен поради балон од Белорусија, пишува „Ројтерс“. Станува збор за шверцерски балон од територијата на Белорусија.
„Поради хибридниот напад извршен од Белорусија, а за безбедноста на цивилното воздухопловство, патниците и јавноста, воздушниот простор над аеродромот во Вилнус е ограничен од 18.06 до 21.05. Службите го следат и анализираат движењето на навигациските ознаки и, доколку е можно, можат да донесат одлука за отворање на воздушниот простор порано“, се наведува во соопштението на Националниот центар за управување со кризи во Литванија.
На патниците им било кажано директно да ги контактираат своите авиокомпании за доцнење или откажување на летови. Слични инциденти се случиле неколку пати во претходните неколку месеци.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Литванија, оваа година се регистрирани дури 599 обиди за нелегално влегување на балони и 197 дронови во литванскиот воздушен простор. Досега, најмалку 320 летови и околу 47.000 патници биле погодени од вакви „хибридни дејствија“, како што изјави Владата на Литванија.












