Успешно е завршена изградбата на новиот водовод во село Могорче, капитална и долгоочекувана инвестиција која обезбедува стабилно и квалитетно водоснабдување за жителите на ова подрачје, информираа од Општина Дебар.
Оттаму соопштија дека проектот опфатил изградба на нова водоводна мрежа во должина од 3.4 километри, која го поврзува природниот извор со двата главни резервоари на селото.
Проектот е вреден преку 9,9 милиони денари без вклучен ДДВ, средства добиени на првиот повик, од унгарскиот кредит.
– Оваа стратешка инвестиција конечно ги решава долгогодишните проблеми со недоволното и нерегуларно водоснабдување на локалното население. Покрај водоводот, реализирано е и отворање и уредување на планински пат, финансиран од буџетот на општината, кој овозможува пристап на механизацијата за одржување во текот на целата година. Оваа нова инфраструктура значително ќе го олесни и движењето на сточарите и жителите кон планинските подрачја – нагласуваат од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Дебар, Фисник Мела, истакна дека овој проект претставува доказ за континуираната посветеност на општината за подобрување на квалитетот на живот и спроведување на одржливи инвестиции во секое населено место на Дебар.
Мела имал и средба со жители на селото на која ѝ порачал дека Општина Дебар останува посветена на понатамошен развој на инфраструктурата, модернизација на услугите и создавање подобри услови за сите граѓани.
Неодамна беше реализиран и проектот за изградба на водовод во должина од 3.2 километри, кој ја снабдува со пивка вода населбата „Белешница“, во истото село.
-Со овој проект се оствари едно долгогодишно барање на жителите на ова најголемо дебарско село, со околу две илјади жители. Вредноста на овој значаен зафат изнесуваше преку 1,5 милиони денари, со вклучен ДДВ – наведуваат од Општина Дебар.












