Општина Илинден направи значаен чекор во унапредувањето на својата туристичка промоција преку изработка на современ 360° визуелен водич, реализиран во рамките на Договорот за соработка со „Македонија на дланка – Агенција за туризам и маркетинг“, носител на националниот проект „360° Визуелен водич – Македонија на дланка“.
Новата дигитална платформа овозможува интерактивно и реалистично запознавање со природните, културните и јавните содржини на територијата на Општина Илинден. Посетителите имаат можност виртуелно да прошетаат низ населените места и да се запознаат со образовните установи, спортските терени, парковите, верските и културните објекти, како и со други значајни локации во општината.
-Визуелниот водич содржи околу 250 интерактивни 360° панорами, снимени од воздух, како и виртуелни прошетки низ повеќе објекти, овозможувајќи им на корисниците уникатно искуство и можност да ја запознаат Општина Илинден од каде било во светот. Во следниот период е предвидено дополнително проширување на содржините со вклучување на нови локации и објекти од сите населени места во општината- соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму велат дека со реализацијата на овој проект, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за примена на современи дигитални технологии во промоцијата на локалните потенцијали, придонесувајќи за поголема туристичка препознатливост и подобра презентација на општината пред пошироката јавност.
Виртуелниот водич е достапен на следниот линк: www.macedoniafromabove.mk/ilinden/ .












