„Во моментов го разгледувам делот Литература од учебникот за прва година што го избраа. Само од првите 20 страници имам напишано повеќе од 5 страници забелешки“, вели во коментар на една од социјалните мрежи проф. д-р Трајче Стамески од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. По повод учебникот Македонски јазик и литература за прва година средно гимназиско образование, на социјалните мрежи се обрати и професорката Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во разговорот за весникот ВЕЧЕР рече дека во учебникот има грешки

Социјалните мрежи деновиве повторно се брануваат од коментари за нов учебник во кој има грешки и кој оваа учебна година стигнал до средношколците од гимназиското образование. Овој пат, станува збор за учебникот Македонски јазик и литература за прва година средно гимназиско образование, од авторките проф. д-р Веселинка Лаброска, м-р Емилија Величкова, м-р Тања Андонова-Митревска и Наташа Ацевска, а во издание на „Арс ламина“.

„Во моментов го разгледувам делот Литература од учебникот за прва година што го избраа. Само од првите 20 страници имам напишано повеќе од 5 страници забелешки“, вели во коментар на една од социјалните мрежи проф. д-р Трајче Стамески од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

По повод учебникот, на социјалните мрежи се обрати и професорката Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во разговорот за весникот ВЕЧЕР потврди дека во учебникот има грешки. Воедно, таа на својата фејсбук-страница упатува на некои од недоследностите во учебникот, кои како забелешки ѝ ги испраќаат нејзини колеги, на пример, во деловите каде се објаснува што е љубовна лирика, или што се стилски фигури.

Во учебникот, во делот за љубовна лирика, пишува:

„Љубовта претставува вечна тема во уметноста затоа што е најзастапено чувство во човековиот живот. Во литературата се пишува за сите форми на љубовта (љубовта кон родителите, децата, пријателите, живи и неживи суштества) но, сепак, во љубовната лирика доминантни се чувствата и еротскиот копнеж кон партнерот“.

Но Јачева-Улчар истакнува дека точен е делот во учебникот во кој се вели дека „не е познат авторот на кирилицата“ бидејќи тоа е вистината. За овој дел особено пишуваа одредени портали.

– Вистината е таа дека авторот на кирилицата навистина не е познат. Нашата најугледна палеославистка, проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска, од првата генерација студенти на академијата „Блаже Конески“, во учебникот по Старословенски јазик, од 1977 на стр. 24, во рамките на лекцијата за Старословенското писмо вели: „Ако се прифати претпоставката, тргнувајќи од нејзината старина, дека глаголицата ја составил Константин-Кирил, останува нерешено прашањето кој ја составил кирилицата. Во славистичката наука се правеле и сè уште се прават различни претпоставки за нејзиниот автор: дека ја составил Методија, Климент, Црноризец Храбар, цар Симеон и др. Најверојатен е фактот дека таа најнапред се појавила во источна Бугарија, во книжевниот круг во Преслав, престолнината на тогашното бугарско царство, најмногу педесетина години по изнаоѓањето на глаголицата. На тоа особено укажуваат натписите со грчко, односно кирилско писмо („без устроенија“ како што вели Црноризец Храбар), изнајдени во поново време при археолошките ископувања во Преслав во тркалезната црква на Симеон, во кои за специфичните словенски гласови се употребени знаци од глаголицата, а за оние што ги има и во грчкиот гласовен систем, букви од грчкото уставно писмо. Обете азбуки имаат повеќе заеднички црти што се објаснуваат со фактот дека во основата и на едната и на другата лежи грчко писмо: на кирилицата иницијално (унцијално, уставно), а на глаголицата минускулно. Најважна е сличноста помеѓу двете азбуки во начинот на пренесувањето на словенските гласови. За глаголицата, изворот за тие букви е јасен, а кирилицата ја следи во тој поглед. Ако се споредат тие букви, ќе се види дека постои сличност, макар што се модифицирани“, објаснува професорката во својата објава.

На социјалните мрежи додава и дека до неа доаѓаат секакви приказни за учебникот.

– Ако има и трошка вистина дека учебникот не бил добар – многу ми е жал. Подолго време се вели дека треба на најмладите да им се всади љубов кон македонскиот јазик! Тој не смее да им биде „баук“!, пишува професорката.

Но, истакнува дека и понатаму смета дека програмата за Прва година гимназија е несоодветна за возраста на учениците и дека актуелниот начин за избор на учебници не е добар и го поткрепува јазот и децениското неединство во фелата (авторска и издавачка). „Неразумните и куси рокови за изработка на учебник – не сакам да ги коментирам“, додава таа.

Весникот ВЕЧЕР испрати прашања и до Министерството за образование во кое праша дали врз основа на овие наводи ќе се формира комисија за утврдување дали и колку грешки и недоследности има во учебникот. И доколку се утврдат повеќе грешки и недоследности во учебникот, кои ќе бидат следните чекори на Министерството.

Од Министертвото ни одговорија дека учебникот ќе биде проверен.

– Согласно сo новите наставни програми за средно гимназиско образование со Одлука на Национална комисија за учебници бр. 26-944/1 од 27.08.2025 година се одобрува употребата на учебник по наставен предмет Македонски јазик и литература за I година од авторите: Емилија Величкова, Наташа Ацевска, Веселинка Лаброска и Тања Андонова-Митревска од издавачот „Арс Ламина“. Согласно со наведеното одобрение, а по направени нарачки од училиштата, Министерството за образование и наука преку Педагошка служба го има набавено нарачаниот тираж со што учебникот е во употреба почнувајќи од учебната 2025/2026 година. Министерството за образование и наука, во случај на недоследности (наведени во закон) во учебникот, формира комисија која врши проверка и доколку констатира недоследности би го повлекла од употреба одобрениот учебник, уредено во Член 26 од Законот за учебници во основно и средно. Учебникот ќе биде проверен, одговорија за весникот ВЕЧЕР од Министерството за образование.  (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ