Нов тренд: Европските летувалишта под топлотна купола или во огнен обрач, па туристите одат на ладење

122

Поради екстремната температура се затвораат туристички атракции, како на пример, Акропол во Грција и Ајфеловата кула во Франција, а во некои летувалишта во ек е и сезоната на пожари. Туристите се принудени да ги менуваат плановите за одмор, а во последно време голем дел од нив се збогуваат со омилените дестинации и топлите плажи ги заменуваат со Скандинавија, балтичките земји, Исланд или планинските региони на Европа

 

Европа се најде под таканаречената „топлотна купола“, област со висок притисок што го заробува топлиот воздух што доаѓа од Северна Африка. Ситуацијата е дополнително влошена од загадувањето предизвикано од емисиите од фосилни горива. Се очекува топлотниот бран во Европа да трае и во текот на наредниот период. Поради екстремната температура се затвораат туристички атракции, како на пример, Акропол во Грција и Ајфеловата кула во Франција, а во некои летувалишта во ек е и сезоната на пожари. Туристите се принудени да ги менуваат плановите за одмор, а во последно време голем дел од нив се збогуваат со омилените дестинации и заминуваат на северот на Европа, каде можат да се разладат.

Франција е во средиштето на топлотниот бран. Поради високата температура, врвот на Ајфеловата кула е затворен за посетители. Во наредните денови, топлотниот бран постепено ќе се движи кон југот на земјата, каде прогнозата изнесува меѓу 32 и 38 Целзиусови степени. Шпанија во саботата постави национален температурен рекорд за јуни. На југот, во Андалузија, беа измерени 46 Целзиусови степени. Тоа е малку под апсолутниот рекорд од 47 степени. Исто така, беа регистрирани и смртни случаи поради ефектите од топлината. Властите повикуваат на претпазливост и следење на советите за време на екстремни временски услови, пишува „Мондо“.

Италија забрани работа на отворено во повеќе од половина од регионите во периодот меѓу 12:30 и 16 часот. Се верува дека високата температура веќе зеде најмалку три жртви, вклучувајќи и едно момче, кое најверојатно доживеало топлотен удар во автомобил. Можни се прекини во железничкиот сообраќај и доцнења на возовите. Грција, пак, се бори со големи пожари. Минатата недела преку 1.500 луѓе беа евакуирани од хотели и станови на Крит. Пожар имаше и на Халкидики, а властите предупредија дека Грција влегува во „најопасниот месец од сезоната на пожари“. Ситуацијата ја влошуваат силните ветрови.

И во Турција не е подобро. Екстремната суша деновиве беше причина за стотици пожари. На туристите им се советува да ги следат упатствата на локалните власти и службите за спасување за да останат безбедни. Хрватска се соочува со топлотен бран кој не стивнува дури ни во текот на ноќта. Хидрометеоролошкиот завод издаде црвено предупредување. Температурата на брегот достигнува до 37 Целзиусови степени, а низ цела Далмација и по зајдисонце температурата на воздухот е преку 30 степени.

Ова не е прво екстремно жешко и огнено лето, па граѓаните почнаа да ги менуваат плановите за летување. „Ладење“ е нов тренд во туризмот што нуди алтернатива на вообичаените летни дестинации. Поради екстремната топлина, сè повеќе туристи одлучуваат да избегаат во постудени региони. Наместо традиционалните топли летни одморалишта, филозофијата „ладење“ значи одење во Скандинавија, балтичките земји, Исланд или на планинските региони на Европа. Освен попријатната температура, оваа опција често значи престој во природа и подалеку од метежот.

ИЗДВОЕНИ