Министерството за здравство информира дека согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 8 до 13 август, 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа Министерството за здравство денеска апелира за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури.
Граѓаните да престојуваат во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот, препорачува Министерстото, како и внес на доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалоци.
Во продолжение следуваат останатите препораки од Министерството за заштита од високите температури:
-Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи.
-Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури.
-Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош.
-Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот.
-Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот.
Министерството, како што се наведува во соопштението, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува согласно проценките и потребите.