Нов скандал ја стресе Црна Гора. Полицијата, од средата вечерта, е на нозе во потрага по Милош Меденица, син на поранешната претседателка на Врховниот суд, Весна Меденица, кој исчезна без трага веднаш откако заедно со својата мајка беше осуден на 10 години затвор. По налог на судот, вчера е распишана локална потерница по него.
Според експертите, ова е најголем безбедносен пропуст во историјата на Црна Гора, зашто полицијата знаела во колку часот се изрекува пресудата и требала да внимава. Многумина се сомневаат дека се работи за договорено бегство, а претседателот на државата, Јаков Милатовиќ, го оцени ова како невиден скандал и крах на системот, зашто „држава која ќе изгуби осуден за организиран криминал, го губи кредибилитетот“. Премиерот, Милојко Спајиќ, уште вечерта, на состанок, побара одговорност од надлежните и на „Икс“ напиша дека информацијата за недостапност на Меденица за него е неприфатлива бидејќи, според пресудата, станува збор за организатор на сериозна криминална група која извршила бројни кривични дела во Црна Гора.
Освен Меденица, сега се бараат и одговорните за неговото бегство. Пресудата се изрекуваше во средата околу 14 часот, а вечерта, полицијата отишла да го однесе во притвор по налог на судијката, но не го нашла на пријавената адреса. Ни Милош ни неговата мајка не присуствувале на изрекувањето на пресудите во средата.
Милош Меденица е неправосилно обвинет на единствена казна затвор од 10 години и два месеца за шверцување цигари, противправно влијание на судската власт и спречување на докажување. Неговата мајка, Весна Меденица, е осудена на 10 години затвор за злоупотреба на службената положба и противправно влијание, дела што ги извршила додека била на чело на Врховниот суд, до пред шест години. Тие, исто така, во буџетот треба да уплатат по 50.000 евра. Помали затворски казни и обврска во државниот буџет да уплатат нешто над 2,7 милиони евра добија и десетина членови на криминалната група на Милош Меденица.
Специјалните обвинители за мајката и на синот Меденица побараа казни затвор од 20 години и парична казна од по 100.000 евра, меѓу другото, за да се испрати порака до ЕУ дека Црна Гора се бори против криминалот.
Ова е втор голем скандал во Црна Гора за еден месец, по аферата со двајцата државни службеници кои си поднесоа оставки на функциите откако во јавноста протекоа експлицитни видеоснимки и фотографии.












