Македонија останува под влијание на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на одредени места се очекува да бидат пообилни. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Вистинска промена на временските прилики се очекува со почетокот на новата работна недела, кога во земјава ќе продре значително постудена воздушна маса од север.
„Во почетокот на новата седмица се очекува продор на постуден воздух од север, проследен со засилен северен ветер. Поради заладувањето, врнежите од дожд постепено ќе преминуваат во снег, и тоа не само на планините, туку и на некои повисоки места во земјата“, најавува УХМР.
До тогаш, граѓаните треба да се подготват за влажно време и локално пообилни врнежи од дожд.












