Проектот зајакнува националните капацитети за сајбер-безбедност и создава отпорни институции спремни за дигитални закани. Со поддршка од Европската Унија и домашни инвестиции, Владата воспоставува централизиран систем за мониторинг и брз одговор при сајбер-инциденти. Активностите вклучуваат усогласување со европските стандарди, набавка на опрема, обуки и симулациски вежби, како и воспоставување на Владин Центар за безбедносни операции и Тим за одговор на компјутерски инциденти. Реализацијата на проектот ја јакне довербата во јавните услуги и стабилноста на критичната дигитална инфраструктура.

Со донација вредна 149.921 евра и нови инвестиции во техничка и оперативна опрема, државата прави сериозен чекор кон зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност и отпорноста на институциите. Министерството за дигитална трансформација ја заокружи првата етапа од соработката со Академија за е-управување (e-Governance Academy – EGA), во рамки на иницијативата „EU Support to Western Balkans Cybersecurity Capacity Building“, финансирана од Европска Унија.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, по тој повод истакна дека проектот претставува конкретен резултат од партнерството со ЕУ и дека донацијата директно ги зајакнува оперативните капацитети на GOV-CSIRT, односно владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти. Според него, тоа значи побрза детекција на сајбер-закани, поефикасен одговор на инциденти и поголема заштита на критичната дигитална инфраструктура.

Оваа поддршка е надополнета со над 1,5 милиони евра национални инвестиции за целосно опремување на Владиниот ЦИРТ и воспоставување на Владин центар за безбедносни операции (GSOC). Со тоа, државата создава централизирана структура за мониторинг, анализа и координиран одговор при сајбер-напади – механизам кој досега недостасуваше на системско ниво.
Тригодишниот проект „Cyber Balkans“, кој се спроведуваше во земјава, опфати усогласување на законодавството со европските стандарди, подготовка на одржлив план за развој на GOV-CIRT, набавка на специјализирана опрема и спроведување симулациски вежби за тестирање на институционалната подготвеност.
Министерот упати благодарност до Европската Унија за континуираната поддршка, како и до институциите и експертите вклучени во имплементацијата на активностите, при што нагласи дека ваквиот модел на соработка е пример за ефикасен меѓународен проект насочен кон реални и мерливи резултати.
Проектот беше насочен кон унапредување на сајбер-отпорноста во согласност со европските најдобри практики, со фокус на усогласување на законодавството, градење институционални капацитети, оперативна подготвеност и регионална соработка.

– Европската унија останува посветена на поддршката на Македонија и Западен Балкан во усогласувањето со стандардите на ЕУ за сајбер безбедност – изјави Михалис Рокас, амбасадор на Европската унија во Македонија.
За зајакнување на техничката инфраструктура и детекцијата на инциденти, проектот ја поддржа и набавката на неопходна опрема за сајбер безбедност и мрежна заштита.
– Сајбер-отпорноста не се гради преку ноќ. Таа бара цврсти правни основи, способни институции и континуирана регионална соработка. Во изминатите три години тесно соработувавме со нашите партнери во Македонија и низ Западен Балкан за да обезбедиме реформите да бидат одржливи, усогласени со стандардите на ЕУ и поддржани со реален оперативен капацитет. Постигнатиот напредок дава силна основа за продолжување на соработката во годините што следат – изјави Милан Секулоски, виш експерт во Академијата за е-управување.
За државата, овој проект значи повеќе од техничка надградба – тој претставува јакнење на националната безбедност во дигиталната сфера. Во услови на зголемени хибридни закани и напади врз јавни институции, создавањето функционален, обучен и технички опремен систем за сајбер-одбрана е предуслов за сигурни јавни услуги, доверба на граѓаните и стабилност на критичната инфраструктура.
Министерството најавува дека дигиталната безбедност останува стратешки приоритет, со јасна цел – изградба на сигурна, поврзана и европска дигитална држава.
Земја-лидер во усогласените барања за „Роаминг како дома“
Граѓаните и бизнисите ќе користат мобилни услуги во ЕУ без дополнителни трошоци откако целосно ќе се реализира иницијативата „Роаминг како дома“, на која со целосна посветеност работи Министерството за дигитална трансформација.
– Паралелно со зајакнувањето на сајбер-безбедноста, активно работиме и на иницијативата „Роаминг како дома“, со цел граѓаните и бизнисите од Македонија да користат мобилни услуги во ЕУ без дополнителни трошоци. Информацијата од Европската комисија од вчера покажува дека процесот е жив и ние сме вклучени во неговата реализација. Како Влада веќе го утврдивме и текстот на последниот Закон за усогласување со што, како што ветивме, ќе бидеме меѓу првите земји целосно усогласени со барањата за „Роаминг како дома“ – додаде министерот Стефан Андоновски.
Европската комисија предложи отворање преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за укинување на роаминг-надоместоците и во таа насока преговара со сите телеком оператори во Европа.
Протоколи за хибридните закани со лажни бомби
По лажните дојави за поставени бомби во Тетово, активирани се протоколите на МВР кои предвидуваат дека наставата веќе нема автоматски да се прекинува за целиот ден. Главната промена во протоколот се однесува на движењето на учениците и наставниот кадар по евакуацијата. Наместо учениците веднаш да заминат дома, тие ќе мора да ги чекаат официјалните инструкции на терен, односно по добиена дојава, МВР ќе спроведе евакуација на објектот, но учениците и професорите остануваат во надворешните простори на училиштето.
Граѓаните на Тетово реагираат и велат дека децата не се безбедни. Министерот за дигитална трансформација посочува дека тоа се хибридни напади што сакаат да предизвикаат паника кај населението.
– Има владина одлука со која им се посочува на училиштата да користат приватни и-меил адреси за комуникација со граѓани, со своите ученици, со родителите и помеѓу себе. Ако користат државни и-меил адреси ние ќе можеме да ги штитиме од ваков вид хибридни напади и МВР и Министерството за образование тоа активно го прават – рече Андоновски.
(С.Бл.)












