четврток, февруари 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нов рок од пет години за легализација на дивоградбите

Нов рок од пет години за легализација на дивоградбите

487

Дивоградбите ќе може да се легализираат до март, 2031 година. Собранието ги изгласа измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што се продолжи рокот за уште пет години. Овој дополнителен рок е даден со цел да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година, а граѓаните веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.

Управниот одбор на ЗЕЛС до Собранието, Владата и Министерството за транспорт достави барање со цел да се овозможи продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградени објекти заклучно со 2031 година. Во барањето било образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката што се води пред општината, поради наследни и други имотноправни околности што требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности.

Првично ваков закон беше донесен во 2011 година, а со усвоените измени во членот 5, зборовите „петнаесет години“ се заменуваат со зборовите „дваесет години“, со што се означува времетраењето на процесот на озаконување.

Од парламентарното мнозинство, во текот на општата расправа, посочија дека станува збор за техничко продолжување, со цел да не се прекинат илјадници предмети кои се наоѓаат во различни фази на постапка.

Во моментов, во општините, во постапка се илјадници незавршени предмети. Така на пример, во Општина Аеродром, од вкупно 10.000 барања незавршени се 4.000, во Центар биле поднесени досега 7.100 барања, а во постапка се уште 1.500. Од Сарај информираат дека од 9.971 предмети за легализација се решени 2.215, одбиени се барањата на 3.112 граѓани, а во постапка за решавање се уште 4.623 предмети.

Расправата помина со многу забелешки од пратениците од опозицијата.

Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека не треба да се стопира процесот на легализација на објектите изградени пред 2011 затоа што постапките се незавршени не по вина на граѓаните, туку по вина на институциите.

За Реџеп Исмаил од Левица, законското решение кое овозможува легализација на дивоградби е катастрофално од самиот почеток и не само што досега не е укинато, туку се овозможува да се легализираат уште повеќе објекти.

Со ова продолжување не може да се поднесуваат барања кои се поднесени откако е истечен рокот за поднесување, но не смеат луѓето што поднеле барање во законскиот рок да имаат штета затоа што институциите не постапиле навреме, истакна Малиша Станковиќ, воедно образложувајќи зошто се неопходни измените на законот.

Како што е познато, во Скопје и низ целата држава, особено во општините каде што со години нема ГУП-ови, има голем број бесправно изградени објекти и во периодот по 2011 година, но локалните власти тешко се решаваат за уривање.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ