Нов радикален закон за пушењето во земјава: Забранети цигарите во кафулињата, рестораните, автомобилите – во присуство на дете

98
Foto: Pexels

Македонија подготвува сериозни и радикални измени на Законот за заштита од пушење, со кои целосно ќе се забрани пушењето во сите затворени простори од јавен карактер, а значително ќе се ограничи и увозот и продажбата на тутунски и никотински производи. Според нацрт-верзијата на новиот закон, цигарите ќе бидат тргнати и од видното поле на купувачите во маркетите, пренесува Телма.

Новиот закон, кој наскоро ќе биде ставен на јавна расправа преку платформата ЕНЕР, предвидува строги правила за сите затворени јавни институции, како и за угостителските објекти.

„Забраната важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи, ресторани, барови, меани, кантини“, се наведува во предложените измени.

Според одредбите, пушењето ќе биде забрането и на терасите на кафеаните, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни. Дополнително, забрана ќе важи и за пушење во автомобил во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, на пазари, како и во низа други институции и јавни простори.

Истите ограничувања ќе се применуваат и за сите типови електронски цигари и вејп уреди, а со новиот закон целосно се забранува и користењето ароматизирани цигари.

„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, стои во предлог-законот.

Покрај тоа, тутунските и електронските цигари ќе бидат целосно забранети за рекламирање и нема да смеат да бидат видливо изложени на рафтовите во продажните објекти.

 

ИЗДВОЕНИ