| Во план е, преку апликација од дома, да се резервира паркинг- место со бројот на упатот или пред рампа да се скенира кодот од упатот. Според предвиденото, ќе можело да се плаќа онлајн на апликацијата или како досега – кеш или со картичка |
Од јуни годинава граѓаните ќе можат да паркираат на новиот паркинг во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој, покрај трите монтажни катни гаражи, ќе го сочинува и хоризонтална инфраструктура, која ќе ги поврзува сите клиники. Местото каде што беше модуларната болница во текот на пандемијата е расчистено и таму треба да биде поставена една гаража, другите две ќе бидат кај Клиниката за гинекологија и кај Инфективната болница, која се планира да биде најголема. Според процените на министерот за здравство, Азир Алиу, новиот паркинг, со кој ќе стопанисува „Градски паркинг“, ќе обезбеди од 1.200 до 1.500 паркинг-места. Договор со претпријатието ќе се потпише на 15 години, со закупнина во висина од 10 отсто од вкупно остварениот промет, а Град Скопје ќе почне со проектирање и изградба на катните гаражи и со инфраструктурно уредување. Цената за паркирањето ќе биде одредена на седница на Советот на Градот и ќе има четири начини на плаќање.
– Ќе има неколку вида плаќање за паркинг-местата. Онколошките пациенти и сега имаат бесплатно паркинг-место, ќе продолжи да биде тоа така. Пациентите што се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална. Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрацијата. На крај, ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг-места, каде што има комерцијални цени. Тоа ќе биде за граѓаните што се паркираат поради други причини или за да посетат некој близок, хоспитализиран во кампусот „Мајка Тереза“ во Скопје – појасни Алиу.
Планот е да се направи паметен паркинг, со помош на апликација да може да се резервира место од дома. Пациентите ќе можат да го скенираат кодот од резервацијата или од лекарскиот упат на рампата.
Пикот на паркирањето на Клинички е меѓу 10:00 и 15:00 часот, а здравствените власти уверуваат дека ќе има слободно паркинг-место за секого. По 16:00 часот, цената би можела да биде и пониска, велат од МЗ. Вработените, најверојатно, ќе се паркираат на посебно резервирани места.
Она што е важно за итните случаи што се носат од цела Македонија е тоа што за возилата на Брза помош ќе има и брза патека, а ќе се обезбеди и нов влез на Клиниката за кардиологија и кардиохирургија за итните случаи.
Алиу најави дека е предвидено и урбано и хортикултурно уредување на просторот со зеленило, пешачки патеки и со ЛЕД-осветлување. Исто така, како што најави, ќе биде имплементиран и таканаречен паметен паркинг-систем со интегрирани сензори на секое паркинг-место за детекција на слободни места, камери со автоматска регистрација на возилата, мобилна апликација за резервации и уплати во реално време, како и поврзување со фискалниот систем и е-управување. (П.А.)












