Градоначалникот на Општина Илинден се пофали дека мандатот го започнал со силно темпо во подобрување на патната и на комуналната инфраструктура. Тој наведе во првите 100 дена откако вторпат е градоначалник се реализирале повеќе инфраструктурни проекти, но и тоа дека се посветува големо внимание на екологијата, младите и на образованието.

– Во тек е изградбата на нов плочест мост и на сервисната улица „500“, и започната е изградбата на улицата „103“ во месноста Јака, целосно е реконструирана и улицата „30“ во населба Илинден. Поставивме нова сообраќајна сигнализација во сите населени места, изградивме заштитна ограда околу комплексот „Драго Маневски“, а изградивме и нов паркинг-простор кај средното училиште „Илинден“ – истакна Георгиевски.

Тој додаде дека се фокусирани и на чистење на каналската мрежа, но и дека изградбата на фекалната канализација во населеното место Кадино е во завршна фаза.

– Работиме на поставување нов препумпен уред во населба Илинден. Целосно ја изработивме проектната документација за фекална канализација во населеното место Миладиновци, а во тек е подготовка на документација за Ајватовци и Бунарџик – нагласи Георгиевски.

Тој напомена и тоа дека паралелно се вложува и во унапредување на јавните услуги тоа дека во рамки на иницијативата „Зелена Општина Илинден“ биле засадени околу 600 нови дрвца.

Воедно ги наведе инвестициите во образованието.

– Обезбедивме паметни таблети за учениците во средното училиште и за дел од учениците од основните училишта. Изградбата на централната кујна во ЈОУДГ „Гоце Делчев“ е во завршна фаза, со што ќе се почне и со пренамена на постојната кујна во простории за згрижување на уште повеќе дечиња. Извршивме реконструкција и опремување на голем дел од училниците во сите општински основни училишта. По првпат воведовме финансиска поддршка за првачиња, ја зголемивме поддршката за новороденчиња и субвенциите за млади претприемачи, затоа што силна општина се гради со силни семејства и образовани млади луѓе – изјави Георгиевски.

 

ИЗДВОЕНИ