ВМРО-ДПМНЕ јавно да се огради од ставот на својот пратеник и член на партискиот Извршен комитет, побара вчера ЗНАМ – движењето за Македонија, нејзин коалициски партнер во Владата. До ова барање доаѓа по синоќешното интервју на Милошоски во кое тој повторно негативно зборуваше за учинокот на актуелниот министер за правда Игор Филков, инаку кадар на ЗНАМ. Според Милошоски, Филков не заслужува да биде министер за правда.
– Доколку јас би бил мандатар на Владата, актуелниот министер за правда не би бил министер за правда – изјави Милошоски во емисијата „Само интервју“, како одговор на новинарското прашање дали би го реконструирал Филков во случај да е мандатар на Владата.
По осум месеци, ова е нов истап на Антонијо Милошоски во кој смета дека Филков нема капацитет да биде министер за правда. Во април годинава тој рече дека министерот за правда „има слаб придонес во областа во која работи“.
Реагирајќи денеска на последните ставови на Милошоски, Павле Арсоски, потпретседател на ЗНАМ, рече дека членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ е последната личност што може да зборува за Филков.
– Очекуваме во најкраток можен рок ВМРО-ДПМНЕ јавно да се огради од ставот на Антонијо Милошоски. Ова е отворен и брутален вербален напад врз личниот интегритет на еден од најуспешните министри во Владата на Христијан Мицкоски. Милошоски е последниот што има кредибилитет да држи лекции за правосудните и за други стандарди. Да ја потсетиме јавноста само на случајот „Моќник“. Добро е да потсетиме за среќа на сите: тој не е премиер, ниту бил, ниту ќе биде – потенцира Арсоски.
Во интервјуто, Милошоски рече дека во однос на Филков, останува на ставот што го имале во април годинава.
– Јас стојам на ставот и не сум го сменил. Во Собранието сум ги следел законите од областа на правосудството и реформската агенда и забележав дека перфомансите на актуелниот министер се пониски од она што се обидуваме да го направиме. Доколку министер има добри проекти и доколку може да го наметне тоа со своето знаење и авторитетот, за Владата нема да биде проблем да ги прифати законите. Тој треба да биде најсилниот застапник, но тука имаше одредено потфрлање – нагласи Милошоски.
Во однос на законите што се доставени од страна на Министерството за правда до Владата за натамошно усвојување, потпретседателот на ЗНАМ, Павле Арсоски, рече дека МП доставило рекорден број закони до Владата.
– За овие 18 месеци, доставени се дури 21 закони, измени или комплет нови закони, што не се случило досега во поновата историја на Македонија – потенцира Арсоски.
Тој ги наброја и сите поднесени законски решенија, од кои најголем дел се во владина процедура. Но новинарското прашање дали тогаш Владата не е ажурна, Арсоски рече дека „тоа прашање треба да им се упати на Владата и на премиерот Мицкоски“. Во однос на носењето на Кривичниот законик и спорниот член 353, потпретседателот на ЗНАМ рече дека ставот на ЗНАМ е дека треба да се врати сменетиот член.
– Проблематичните измени во членот 353 по најитна постапка треба да се вратат и санкциите да бидат со иста тежина, дури и ако е можно, да се зголемат. Ние опстојуваме на тоа и ќе работиме на тоа – нагласи тој.
Во април, министерот за правда, Филков, во реакција на тогаш изнесените наводи на Милошоски, рече дека „кусурот на Груевски, познат под прекарот Џуџето од Небрегово, а јавноста добро го памети по аферите поврзани со АМСМ и семејните бизниси од Кичево“.
По ова јавно препукување на Антонијо Милошоски и министерот Игор Филков, премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека состојбата во владината коалиција е стабилна и дека двајцата имале „лош ден“.
– Пратеникот Антонијо Милошоски е член на Извршниот комитет на партијата, тој е дел од мојот најблизок периметар. Јас ја оценувам соработката со Антонијо Милошоски на највисоко ниво, тој е додадена вредност и во рамките на пратеничката група и во рамките на партијата. Знам со какви проблеми се соочи министерот Игор Филков, знам каква состојба затече во Министерството за правда, континуирано на дневна основа соработуваме во делот на реформите, кои се многу важни, особено во секторот правда. Но, она што можев да го заклучам, а убеден сум дека сето ова ќе застане на овие два лични става, е дека секој има право на лош ден, па така јас мислам дека тој лош ден, и за едниот и за другиот, завршува – рече тогаш Мицкоски.
До затворањето на весникот, немаше реакција на ВМРО-ДПМНЕ или на премиерот Мицкоски за барањето на движењето ЗНАМ за оградување од истапот на Милошоски. (Б. Ѓ.)












