Ангажирањето на нов снабдувач, кој ќе обезбеди јаглен за РЕК „Битола“ од грчки рудник, го менува досегашниот модел на набавки за најголемата термоелектрана во земјава. Зделката вредна 7,3 милиони евра е дел од поширок план за увоз на стотици илјади тони јаглен, во услови кога домашното производство не ги покрива потребите. Експертите предупредуваат дека ваквите договори, иако неопходни за одржување на производството, дополнително ја зголемуваат финансиската тежина врз државната компанија и ја продлабочуваат зависноста од странски пазари
Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) склучи нов договор за набавка на 150.000 тони јаглен за потребите на РЕК Битола, во рамки на последниот јавен повик. Вредноста на зделката изнесува околу 7,3 милиони евра, а јагленот треба да пристигне од рудник во регионот на Кожани, Грција.
Она што го прави овој договор различен од претходните е изборот на партнер. Наместо досегашната практика со ангажирање на Протергија – компанија ќерка на грчкиот енергетски гигант Митилинеос, овој пат договорот е доделен на „ХИБ Петрол Груп ДООЕЛ“. Станува збор за фирма која првенствено работи со транспорт и трговија на нафтени деривати, со развиена мрежа од 24 продажни места во 13 градови во Косово, а има и бензинска станица со ресторан во скопско Визбегово. За првпат токму оваа фирма влегува во синџирот на снабдување со јаглен за најголемиот производствен капацитет на државата.
Договорот за 150.000 тони претставува втора реализација од пошироката постапка со која ЕСМ треба да обезбеди вкупно 730.000 тони јаглен за РЕК Битола. Претходно беа договорени 100.000 тони, а паралелно се обезбедуваат количества и за потребите на термоцентралата во Осломеј кај Кичево. Вкупните побарувања за двете електрани надминуваат еден милион тони.
Експертите посочуваат дека фактот што ваков обем се обезбедува од странство уште еднаш ја отвора дилемата за домашното производство. Рудниците во земјава веќе подолг период не можат целосно да ги задоволат потребите на термоелектраните, што ја зголемува зависноста од увоз и производните трошоци ги прави почувствителни на пазарните услови. Зголемените расходи за набавка на јаглен директно се рефлектираат врз финансиската состојба на ЕСМ. Компанијата моментално ја продава електричната енергија по цена од 65 евра за мегават-час – ниво кое, според ревизорски извештаи, е пониско од реалната производна цена. Разликата меѓу трошоците и продажната цена веќе беше нотирана од ревизорите како ризик за долгорочната стабилност на компанијата.
Во такви околности, секоја нова набавка на увозен јаглен значи дополнителен притисок врз буџетот на државната енергетска компанија. Прашањето што останува отворено е дали овие трошоци во иднина ќе се прелеат врз крајните корисници – домаќинствата и малите бизниси, или државата ќе продолжи да ја амортизира разликата.
(С. Бл.)












