Министерот за здравство, Азир Алиу, и директорката на Управата за електронско здравство „Мој термин“, Жаклина Чагоровска, најавија нов модул за евиденција на елективните хируршки интервенции, достапен на порталот Operacii.zdravstvo.gov.mk. Со него, пациентите ќе може да ги следат листите на чекање, а операциите ќе се закажуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
– Со овој систем ќе имаме увид во тоа што се случува со секоја институција и ќе го намалиме ризикот од преминување преку ред. Сепак, не можеме да гарантираме целосно елиминирање на оваа практика, но работиме на подобрување – рече министерот Алиу.
Досега упатите за операции се издаваа преку системот „Мој термин“, но честопати не се издаваа веднаш, а дел од здравствените установи и лекарите водат листи во хартиена форма. Министерот посочи дека резултатите од 2025 година покажуваат дека биле издадени 58.648 упати, додека реално биле извршени 93.510 операции, што укажува на недостатоци во системот.
Новиот модул овозможува пациентите да пребаруваат за специјалноста на лекарот, хируршката интервенција, јавната здравствена установа, бројот на пациенти што чекаат и за други параметри.
– Идејата е транспарентност. Пациентот ќе знае точно на кое место е на листата и колку се чека – објасни Алиу.
Ако пациентот одлучи да оди на приватна операција, системот автоматски ќе го отстрани од јавната листа на чекање, а податоците се ажурираат на секои 24 часа.
Чагоровска појасни дека секој упат има уникатен број што ја одредува позицијата на пациентот на листата.
– Секој лекар ја води својата листа на чекање по операција и секој пациент може да провери каде се наоѓа. Исто така, и Инспекторатот и Фондот можат да ја проверуваат точноста на податоците – рече таа.
Таа додаде дека дополнителната дејност на лекарите, односно операциите за кои нема термини во редовното работно време, исто така ќе се води во системот и ќе биде под контрола.
– Не се многу установите што работат дополнителна дејност, но сите ќе бидат предмет на регулација – истакна Чагоровска.
Со овој систем, здравствениот сектор добива појасна евиденција на операциите и ќе се зголеми довербата на граѓаните дека редоследот на операции е фер и транспарентен, велат надлежните. (П. А.)












