Општина Центар ја започна реконструкцијата на вториот дел од улицата „Ленинова“ во должина од над 600 метри, на потегот од булeварот „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во моментов се реализираат првата и втората фаза од реконструкцијата, на делот од булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Наум Наумовски-Борче“.
– На овој потег, воведен е привремен режим на сообраќај во период од 30 дена, при што едната половина од коловозот е затворена, додека сообраќајот се одвива по другата половина од улицата. Реконструкцијата на улицата „Ленинова“ ќе се одвива во повеќе фази. Во текот на асфалтирањето, одредени делови од улицата ќе бидат целосно затворени, а возилата ќе се пренасочуваат по соседните улици. Станарите ќе имаат пристап до своите домови, а нивното движење ќе биде рачно регулирано во координација со изведувачот, при што непречено ќе се пропуштаат и интервентните возила – потенцираат од Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски информираше дека се предвидува уредување на коловозот, тротоарите и на пешачките патеки, поставување велосипедска патека и обновување на зеленилото покрај целиот потег, со што овој дел од улицата ќе добие поуреден и побезбеден изглед за сите учесници во сообраќајот.
Првиот дел од улицата „Ленинова“ беше саниран во 2023 година, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.












