Нов асфалт на улицата „Дебарца“ до крајот на месецов

57

До крајот на месецов ќе биде завршена реконструкцијата на улицата „Дебарца“, информираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој денеска изврши увид во градежните активности што се изведуваат на оваа сообраќајница.

Тој нагласи дека се работи со засилена динамика и оти во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следува поставување нов асфалт.

– Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата – изјави Герасимовски.

Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.

– Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозно оштетување, кое го отежнуваше нормалното одвивање на сообраќајот. Со реконструкцијата, ги подобруваме безбедноста и условите за движење, но му даваме и нов, поуреден изглед на просторот – посочи Герасимовски.

Оваа интервенција се реализира во рамките на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“.

 

ИЗДВОЕНИ