Свечена, грациозна, елегантна, но и модерна на влезот во Градскиот парк, фонтаната „Лотос“ не повикува да пристапиме, да земеме здив, да одмориме и да поуживаме. Но, воедно и да бидеме и дел од природата, но да бидеме и урбани. Оваа фонтана го надградува не само паркот, туку и градот. Фонтаната е подредена на паркот токму онолку колку што е потребно да ја нагласи неговата важност и умерено претенциозно нагласена за да го надополни паркот, како нов, современ елемент кој придонесува на неговата убавина.
На местото на фонтаната пред нејзината изградба имало мочуриште, полно со убави бели цветови. И токму оттаму потекнува инспирацијата за проектантот, лотосовиот цвет.
Фонтаната „Лотос“ е дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982), која работела во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје. Нејзината реализација се очекувала со големо нетрпение и била најавувана во медиумите како најубава и најрепрезентативна во земјата.
Токму онаква каква што била и каква што треба да биде и денес, ние поубава и немаме. Отворена е на 3 мај 1971 година со гламурозна вечерна свеченост на која покрај проектантот и градските власти присуствувале и голем број значајни гости, меѓу кои и легендарниот градоначалник на Белград, Бранко Пешиќ, градоначалникот на Атина, англискиот амбасадор во тогашната Југославија, кој свечено ја пресекол лентата, пуштајќи ја во употреба, како и многу други видни гости. И тогаш се сечеле ленти, црвени, се пееле и песни, се сликале, но ленти се сечеле кога е создадено нешто капитално и вредно, а не за пешачки мост преку река за тежина од 100 килограми или засадена трева и понекоја жардиниера со елитистички пароли за грижата за зеленилото.
Фонтаната била предвидена со Планот за Градскиот парк, а плановите тогаш биле стручни, изработени врз основа на опсежни анализи од сериозни тимови составени од професионалци. Поставена е на плато подигнато со скали од улиците, со висина пријатна за чекорење.
Фонтаната чие корито е со дијаметар 10 метри е централна тема на просторот, но не и централно поставена. Таа е настрана, отмено повлечена, како девојка од добра куќа, која е доволно забележлива, но не и претенциозна. Главната оска е оставена слободна за визура, а главниот влез води директно кон споменикот на Гоце Делчев, дело на вајарот Љубомир Делчев, (велат дека имал македонско потекло), а подарок од градот Софија.
Пјацетата се развива лево и десно од влезот, а фонтаната изгледа како лотосов цвет кој никнува од земја. Коритото е спуштено до партерот, иако во идејниот проект било предвидено да биде одвоено и претставува еден вид чинија на цветот. Од коритото се издигнуваат четири топки, една поставена централно највисоко и три пониски околу, формирани од прскалки за вода. Во времето кога е направена фонтаната била и технолошки и технички многу напредна, препознатлива и по својата игра на водата, која е составен дел на архитектурата, а проектот за водоводните инсталации е изработен од италијанската фирма „Алпина“ од Ферара. Во ноќните часови била фасцинантна со својата игра на светло и сенки, постигната и со просторната композиција и со осветлувањето.
Но, фонтаната не е сама за себе, таа е дел од цел урбанистички ансамбл и партерно уредување решено вешто од почеток до крај.
Тој ансамбл е формиран како заокружена целина, каде преовладува бела боја, која се истакнува во однос на зелената заднина, но и обратно, природата се истакнува во однос на белината, и овие две главни слики се надополнуваат, почитувајќи се меѓусебно. Околу фонтаната, по контурите на платото поставени се клупи, кои делумно го оградуваат просторот. Клупите се организирани во полукружно седење, создаваат полујавни-полуинтимни простори, повлечени за точно половина круг, кои овозможуваат собирање на група посетители која има можност да седи и ужива во просторот, еден вид соба на отворено.
Формата на клупите е формирана од бетон, има свој препознатлив дизајн со закосени страни, аголот се отвора како оди кон партерот и се создава современа силуета со препознатлива контура и пријатна димензија. Во истиот манир се проектирани и жардиниерите (во некои растат и смокви), со еден збор секој елемент е проектиран, а не набавен преку јавна набавка. Материјалот е натур бетон, облагороден со мермерен малтер во бела боја.
Животот на архитектката на оваа фонтана, Милановиќ-Волињец, завршува ненадејно и прерано. Ни ја остави нашата фонтана за која професор Живко Поповски во ин меморијам издаден од тогашниот Сојуз на архитекти СДАМ, ААМ ќе напише: „Фонтаната во нескротен цвет, со партерно уредување на влезот во градскиот парк е естетска минијатура пред еден систем на просторно вреднување во облик на архитектонски медалјон, кој зборува во особена светлина за творецот, како исклучителна личност и страстен читач на животот“.
Оној кој е од Скопје и кој е малку повозрасен или во најдобри години, ја памети фонтаната во сиот свој сјај.
Не постои скопјанец кој не шетал таму, не постои некој кој нема фотографии и спомени од својата младост или детство токму на ова место. Големо доживување било да се стави рака во коритото, во спротивно исто како да не си бил.
Младиот архитект Антонио Грујевски, со проектот „Лотос за Неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје“, лани беше победник на конкурсот „Скопје на новата генерација“, што беше распишан во рамките на прославата на четвртиот роденден на „Јуроп хаус Скопје“.
Проектот „Лотос за Неа“ претставува спој помеѓу минатото и иднината, комбинација на историјата со природата, еден визионерски пејзажен и реставраторски проект, чија цел е да го зајакне зеленото ткиво на Градскиот парк во Скопје, а притоа да им оддаде почит на жените архитектки и градителки, кои одиграа значајна улога во постземјотресно Скопје.
Во интервју во медиумите тој ќе објасни дека проектот предвидува трансформација на клучната локација за младите во градот, просторот околу фонтаната „Лотосов цвет, односно негово враќање во оригиналниот изглед со помош на еколошки материјали и инклузивни методи на проектирање. Но, проектот оди и чекор подалеку. Предвидува еколошка реставрација на некогашното езерце околу фонтаната, кое изобилувало со лотосов цвет во минатото и кое било инспирација за нејзиниот изглед.
-Со враќање на еколошкиот диверзитет на местото, ќе се креира и една еко-безбедносна бариера за заштита од вандалство на фонтаната во иднина – ќе рече Грујевски.
Тој ќе додаде дека со неговиот проект оригиналната просторна организација е надградена и проширена со нова современа содржина. При тоа, воведени се иновативни, зелени решенија, беспрекорно интегрирање на модерната технологија и природата, со цел да се создаде една хармонична и зелена оаза. Инкорпорирани се и обновливи извори на енергија, ефикасно управување со дождовните води и се нуди решение за заштита на пчелите во паркот. Проектот обезбедува одржлива иднина за граѓаните на Скопје и за генерациите кои допрва доаѓаат.
Од 12 апликации овој проект едногласно е прогласен за победнички и тоа од врвни професионалци во архитектурата, професори од сите архитектонски факултети во државата. Готов, квалитетен продукт, добиен со поддршка на Европската Унија, на чесен и правичен конкурс. На крај и детално разработен во согласност со шесте цели од ЕУ – Таксономијата за зелена транзиција, само некој треба да го реализира, ако не барем да се заложи да се одржува она што веќе го имаме.
(А.П.)