EPA/Gorm Kallestad NORWAY OUT

Во Верона, официјално беа затворени 25. Зимски олимписки игри во Милано и Кортина. Церемонијата на затворање на ЗОИ се одржа под слоганот „Убавина во акција“, а започна со звуците на операта „Травијата“, проследена со други италијански арии, а потоа и со воведувањето на италијанското знаме. Потоа следуваше парада на спортистите, придружена со звуците на италијански песни.

За време на церемонијата на затворање, присуствуваа балетскиот танчар Роберто Боле, кантавторот Акиле Лауро, актерката Бенедета Поркали, пијанистката Глорија Кампанер, диџејот Габри Понте…

Претседателката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри, со својот говор го објави крајот на Олимписките игри во Милано и Кортина.

– Ти благодариме, Италија, што ни ја приближи топлината од твоите места и градови. Во согласност со традицијата, ги поканувам сите млади од светот и сите вас тука вечерва, по четири години да се собереме на француските Алпи, за да ги прославиме заедно 26. Зимски олимписки игри. Се гледаме во 2030 година – рече Ковентри, по што олимпискиот пламен беше изгаснат.

Моќната, надмоќна Норвешка ги заврши Зимските олимписки игри во Кортина и Милано на првото место во сè. Оваа земја, која има само 5,7 милиони жители, успеа да освои дури 41 медал, што е рекорд за Игрите.

Покрај тоа, таа освои најмногу златни медали (18), а една третина од златото го освои Јоханес Хоесфлот Клаебо, кој е апсолутен херој бидејќи освои шест од шест златни медали во крос-контри дисциплини. Клебо го урна рекордот за број на златни медали на Игрите. Само Мајкл Фелпс има двоцифрен број златни медали од сите олимпијци некогаш, дури 23.

На второто место се Соединетите Американски Држави со вкупно 33 медали, од кои „само“ 12 се златни, а ова се најдобрите игри за оваа земја од Осло во 1952 година, кога последен пат беше само на второто место. Холандија е трета благодарение на доминацијата во брзо лизгање со 10 златни, седум сребрени и три бронзени медали, додека домаќинот Италија е на четвртото место со само еден сребрен помалку, но дури 14 бронзени медали.

Ова е четврти пат по ред Норвешка да биде најуспешна на Зимските олимписки игри, по последниот пат кога таа титула беше „украдена“ од Канада во Ванкувер во 2010 година.  Норвешка беше најуспешна на Зимските олимписки игри 11 пати, СССР седум пати, Германија три пати, а САД, Шведска, Источна Германија (Сараево, 1984), Канада и Русија по еднаш.

Норвешка има освоено 447 медали на Зимските олимписки игри во историјата: 166 златни, 146 сребрени и 135 бронзени.

 

ИЗДВОЕНИ