Норвешката психолошка драма за моќта на уметноста која може да делува помирувачки „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value) на Јоаким Трир, триумфираше на 38. Европски филмски награди (EFAs) што се одржаа во Берлин.

Интимното истражување на семејството што создава филмови, покрај наградата за најдобар европски филм, се закити и со статуетки за најдобар европски режисер и за сценарио (Трир), најдобар европски актер (Стелан Скарсгард), за најдобра европска актерка (Рената Рејнсве), како и за музика. Од светската критика, филмот доби многу позитивни оценки за исклучителните актерски изведби, но и дека е едно од „најдобрите остварувања на деценијата“.

По него, најмногу признанија на Европските филмски награди (ЕФА) има постапокалиптичниот филм „Сират“ (Sirat) на Оливер Лаксе, и тоа за најдобара кинематографија, монтажа, за сценографија, за звук и кастинг. Филмот следи еден татко кој е во потрага по својата исчезната ќерка во пустините на јужен Мароко.

Хрватскиот кандидат за Оскар „Fiume o morte!“ на Игор Безиновиќ, е добитник на наградата за најдобар европски документарец. Документарецот „Fiume o morte!“, на иновативен начин раскажува за непозната историска епизода од пред сто години, кога италијанскиот поет и заговорник на војната Габриеле Данунцио ја окупирал Риека. За да пронајде одговори, авторот ангажирал голем број граѓани на Риека кои ја раскажуваат, реконструираат и реинтерпретираат бизарната приказна за 16-месечната окупација на нивниот град.
Францускиот „Арко“ (Arco) на Уго Бенвену, пак, беше прогласен за најдобар европски анимиран долгометражен филм.
Наградите, што се сметаат за европски пандан на „Оскарите“, ги доделува Европската филмска академија. Свечената церемонија на доделување која до лани се одржуваше во декември, сега се помести во јануари за да ги позиционира ЕФА во сезоната на меѓународни награди и како предвесник за БАФТА и Оскарите. (Н.И.Т.)
Фото: Главна фотографија е од официјалната страница на Европските филмски награди












