Љубителите на Формула 1 ги чека крајно неизвесна завршница во најбрзиот циркус, откако британскиот возач Ландо Норис (25) славеше на трката за Големата награда на Мексико и со тоа изби на првото место во генералниот пласман на четири трки до крајот на сезоната.
Ова е неверојатно, фантастично – моја прва победа тука во Мексико. Прекрасно место за победа, особено тука на стадионот. Голема благодарност до навивачите. Одам викенд по викенд, среќен сум и фокусиран на себе. Ја држам главата надолу и го правам своето, во моментов функционира, па затоа сум среќен, истакна Норис, кој ја освои својата 10. победа во кариерата на трката во Мексико.
Норис ја искористи новата грешка на својот тимски колега од Мекларен, Австралиецот Оскар Пјастри (24), кој беше прв со месеци, а трката во Мексико ја заврши на петтата позиција, по слабите квалификации во саботата.
Сега, Норис има 357 бода, Пјастри има 356, а третопласираниот Макс Верстапен, кој е актуелниот шампион, има 321 со својот болид на Ред Бул. Токму затоа нè чека возбудлива завршница на преостанатите трки во Сао Паоло на 9 ноември, Лас Вегас на 22 ноември, Катар на 30 ноември и Абу Даби на 7 декември, каде што сигурно ќе го добиеме новиот шампион.
Иако Макс Верстапен победи на три од претходните четири трки, сепак, немаше шанси за нов триумф, но успеа да се пробие до третото место на подиумот, иако имаше реални шанси да дојде и до втората позиција. Сепак, во моментот кога Холанѓанецот се приближи до Шарл Леклер на еден круг до крајот на трката, се појавија жолтите знамиња, што значеше и забрана за претекнување.
Херој на трката беше Британец Оливер Берман, кој постигна најдобар резултат во кариерата со завршувањето на четвртото место. Неговото време доаѓа, и ако Норис навистина стане шампион, ова ќе биде најзначајната победа во неговата кариера.
Пјастри, кој до оваа трка беше лидер во шампионатот, заврши на подиумот само еднаш во последните пет трки, кога беше трет во Монца. Оттогаш не ја заврши трката во Азербејџан, запиша четврто место во Сингапур, беше петти во Тексас и во Мексико. Во тој период, Норис само три пати го пропушти подиумот во последните 15 трки, собирајќи бодови и намалувајќи ја разликата.











