Во изградбата на магистралните гасоводи досега се вложени 143 милиони евра, но сè уште не се ставени во употреба поради нецелосна експропријација на земјиштето и поради тоа што за дел од објектите изградени во периодот од 1995 до 2000 година нема имотни листови, а за некои проекти има земено заеми, но сѐ уште нема реализација. Ова го утврдиле државните ревизори, чешлајќи го работењето на АД за вршење енергетска дејност пренос на природен гас „Номагас“ – Скопје во државна сопственост, за 2024 година.

„Номагас“ располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир – Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но за 78 придружни објекти како блок-станици, мерно-регулациски станици и чистачки станици не е утврден правниот статус и за нив се водат постапки за легализација пред Министерството за транспорт и пред надлежните општини.

За ревизорите, спорна е и изградбата на гасоводниот прстен околу Скопје, кој, поради нова сообраќајница, може да чини повеќе пари.

– Проблематичен е гасоводот за Скопје, бидејќи, поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, крајниот прстен не е завршен, а изградена е нова сообраќајница, поради што во иднина, за да се затвори гасоводниот прстен околу градот, ќе треба да има дополнителни градежни активности и расходи – утврдиле ревизорите.

Во извештајот се нотирани и неправилности во управувањето со имотот, евиденцијата на капиталот и распределбата на надоместоци, што може неповолно да влијае врз ликвидноста на друштвото и врз развојот на гасниот систем во државата, поради што изразиле неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива.

Од „Номагас“ ѝ дале и заем од 75 милиони денари на Пошта, но досега таа им вратила помалку од 3 % од средствата.

– „Номагас“ има побарувања од краткорочен заем од 75 милиони денари даден на АД Пошта, кој треба да биде вратен до 30 декември 2025 година, со плаќање законска камата во случај на задоцнување, но за кој ревизијата утврдила дека заклучно со мај годинава, вратени се само два милиони денари, што може неповолно да влијае врз ликвидноста и профитабилноста – велат ревизорите.

Со ревизијата е истакнато дека сè уште не е воспоставен оператор на систем за дистрибуција на природен гас и покрај тоа што биле започнати активности во минатиот период, а „Номагас“ нема ниту усвоено десетгодишен план за развој на преносната мрежа за периодот 2024–2035 година.

Друштвото доделило и грант за техничка помош од половина милион евра, од кој се искористени околу 114.000 евра за извршени услуги и грант за комуникација и видливост, од кој се искористени околу 40.000 евра, врз основа на склучен договор за деловна и техничка соработка.

Посочено е дека не е реализиран проектот за развивање дистрибутивен систем на природен гас.

– Кон крајот на 2019 година, од страна на Владата е донесена одлука за започнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас, но таа е поништена во август 2024 година, поради што и натаму останува неизвесно определувањето оператор за дистрибуција на природен гас – потенцираат ревизорите.

„Номагас“ поседува и цевки во вредност од 98,3 милиони денари, набавени за реализација на проект за изградба на мрежа за пренос на природен гас, што претставува последен преостанат дел за затворање на магистралниот гасовод во Градот Скопје, кој не се реализирал.

– Повеќе од 80 % од резервите потекнуваат пред 2019 година и до периодот на вршење на ревизијата, тие не се потрошени, со што се доведува во прашање потребата од нивна набавка, како и можноста тие да бидат застарени и неупотребливи – велат ревизорите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ