Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ в сабота ќе го организира првото ноќно искачување на врвот „Човек“ (1 402 метри надморска височина), на планината „Скопска Црна Гора“ и следење на изгрејсонце во раните утрински часови.
-Во текот на денот ќе се движиме до Жеглиговскиот манастир над Матејче, кој е на надморска височина од 1.100 метри. Турата е средно тешка, долга е 30 километри, со висинска разлика од 1.000 метри – објаснуваат од „Убавините на Скопска Црна Гора“.
Стартот на турата ќе биде во 23:00 часот, од долната постојка во селото Црешево каде што има неколку продавници и простор за паркирање.
-Од продавниците се тргнува кон црквата „Света Петка“ и преку тесна дрварска патека ќе се излезе на ливадата Видиковец, над селото Булачани, а потоа по широкиот земјен пат преку Лесковјане ќе се оди кон врвот „Човек“. Во раните утрински часови ќе се следи изгрејсонцето кое се појавува најрано во утринските часови од денот во текот на целата година – појаснуваат од „Убавините на Скопска Црна Гора“.
По следење на изгрејсонцето движењето продолжува по дел од Муратово џаде, а потоа преку мал Влаин Гроб ќе се продолжи до Жеглиговскиот манастир каде што ќе се направи поголема пауза, а потоа по истата патека преку Муратица, на надморска височина од 1.317 метри, ќе се спуштиме кон селата Виниче и Црешево.
(А.П.)