Сплитската поп-пејачка Дорис Драговиќ, големата музичка ѕвезда од поранешните југословенски естрадни простори и интерпретаторка на евровизискиот хит „Жељо моја“ (кога ја претставуваше Југославија), сега, по пауза од речиси 20 години, ќе направи концерт во Скопје. Иако, можеби, има и такви што веќе ја подзаборавиле, сепак, Дорис или Доротеја како што ѝ е вистинското име, остави неизбришлива трага во музичката индустрија.
Кариерата ја почна многу успешно, со групата „Море“ и со провокативниот еротско-музички спот „Хајде да се мазимо“, за потоа, кога стана соло пејачка, менаџер да ѝ биде нашиот Велибор Џаровски-Џаро. И ден-денес се шушка во естрадните кругови дека благодарение на способноста на Џаро да прави фестивалски „ујдурми“, згодната пејачка успеа да се натпреварува на евровизискиот фестивал. Но, и вистина е дека имаше мошне убава балада, со која впечатливо ја победи дотогаш непобедливата Лепа Брена. Скопскиот концерт е насловен „One Night Two Stars“ (Ноќ со две ѕвезди, во организација на „Прагма“), а втората ѕвезда, веројатно и главна, е доволно многу популарниот, исто така сплитски пејач, Петар Грашо. Овој концерт ќе се одржи во „Борис Трајковски“, на 14 март 2026, неколку дена пред неговиот роденден. Петар е роден на 19 март. Тој често пее во Македонија не само на концерти туку и на приватни забави, за кои знае солидно да наплати. Жените најмногу го сакаат, па така неговите песни: „Ако те питају“, „Ко нам брани“, „Уторак“, „Љубав једне жене“, „Ломи ме“… се едни од најслушаните во Македонија.
Овој нивни заеднички концерт е замислен како одличен спој на две генерации музичари, кои даваат на сцената сè од себе со вистинска интерпретација. Ќе биде тоа, ветуваат, ноќ за памтење или како што најавува самата Дорис во својата омилена далматинска песна, „Мало ми за сриќу триба“ (Малку за среќа треба). A, за среќа навистина не треба повеќе. Преку убавите, емотивни песни што ги имаат тие на својот репертоар, полни со Медитеранот. Музичките ѕвезди ќе ни го донесат во нашето Скопје токму тој шмек на Јадранското Море, секогаш омилено на голем број Македонци, уште од оние стари, добри времиња. (Д. М.) фото:архива