„Ноември“ прва стихозбирка на Игор Анѓелков

14

„Ноември“ е насловот на дебитантската стихозбирка на Игор Анѓелков која излезе од печат во издание на издавачката куќа „Или-или“. Содржи дваесет песни поделени во три циклуси: „Револуција“, „Љубов“ и „Под небо во боја на бамји“.

Анѓелков за својата прва поетска објава се шегува дека е „тешко да се стане поет на 50+“, образложувајќи во поговорот зошто се одлучил на ваков потег: Речиси секој писател својата пишувачка активност ја започнал со песни. Тоа е детерминирано од образовниот процес, при што во светот на пишаниот збор влегуваме токму преку поезијата за деца. И навистина, моите први обиди беа поетски. И не само тоа ‒ мојата прва официјална објава во сериозно списание беше „нешто што наликува на поезија“, а се случи пред три децении, со што само ми се потврди тезата дека речиси секој раскажувач започнува со пишување поезија. Како аргумент плус, се сетив и дека поезијата се провлекува низ сите мои прозни дела. Во првиот роман „Крај-пат“ еден од ликовите е музичар што пишува прекрасни балади и чијашто поезија е составен дел од приказната. Поднасловот на мојот втор роман „Фото синтеза“, пак, е многу поетичен: „под небо во боја на бамји“, и тоа со години „плачеше“ за понатамошна  разработка. Подоцна, во збирката раскази „Двојна експозиција“, се провлекува песната „Уморен“, на која многу читатели реагираа пофално, бидејќи е слика и прилика на времето во кое живееме. Сето ова ми создаде мисла дека можеби навистина е време за објавување на првата стихозбирка“.

ИЗДВОЕНИ