На Интернет кружи неодамнешна изјава на нобеловецот Демис Хасабис дека вештачката интелигенција ќе може да ги излекува сите болести за десет години.
– Мислам дека еден ден, можеби, ќе можеме да ги излекуваме сите болести со помош на вештачката интелигенција – рече 48 годишниот Хасабис, нобеловец и директор на компанијата „Дип мајнд“, во програмата „60 минути“ на американскиот канал за вести „ЦБС Њуз“ и додаде дека крајот на сите болести е на дофат на раката и тоа би можело да се случи уште во наредната деценија.
Заедно со колегата Џон Џампер, овој Британец го разви моделот на вештачка интелигенција „Алфа Фолд 2“ преку кој може да се препознае структурата на речиси сите досега познати 200 милиони протеини. Тие вршат многу биолошки функции во човечкото тело и ако се наруши нивното производство, структура или функција, може да настанат многу болести. За ова, Хасабис и Џамперт лани ја добија Нобеловата награда за хемија.
Некогаш била потребна докторска дисертација за да се препознае, пресмета и моделира структурата на еден единствен протеин, што траело од три до пет години. Затоа вештачката интелигенција што ја разви Хасабис навистина претставува револуција.
Но, другите научници сметаат дека уште долго луѓето ќе ги одредуваат дијагнозите и терапиите, пред сè од етички и правни причини. Според нив, не се знае дали машините ќе ги одредуваат дијагнозите според критериумите што ги применуваат луѓето. Сепак, вештачката интелигенција е на помош во некои случаи. На пример, во дијагностиката базирана на компјутерска томографија со помош на вештачка интелигенција многу е полесно да се забележат можните патолошки промени, вели професорот Флоријан Гајслер.
Вештачката интелигенција може да помогне и во одредувањето на непредвидените несакани ефекти кога се комбинираат различни лекови и на тој начин да придонесе за оптимизација на терапиите. Покрај тоа, може да го олесни здравствениот систем.
– Системите базирани на вештачка интелигенција би можеле, на пример, автоматски да ги сумираат разговорите со пациентите и да подготвуваат структурирани извештаи за здравствените осигуреници. Ова заштедува драгоцено време во здравствениот систем. Ова е место каде што вештачката интелигенција ќе игра клучна улога – посочува Гајслер.