Нобеловата награда за медицина или физиологија им беше доделена на научниците Мери Е. Бланков, Фред Рамсдел и Шимон Сакагучи за откритија поврзани со периферната имунолошка толеранција. Следуваат и наградите од областа на физиката, хемијата, медицината, книжевноста, мирот и економијата

Нобеловата сезона за 2025 година официјално започна со објавувањето на првата награда, за медицина или физиологија, а ја добиваат тројцата научници Мери Е. Бланков, Фред Рамсдел и Шимон Сакагучи. Како што вчера објави Институтот „Каролинска“ во Стокхолм, тие ја добиваат престижната награда за нивните револуционерни откритија во врска со периферната имунолошка толеранција, која го спречува имунолошкиот систем да му наштети на сопственото тело. Нивната работа ја постави основата за ново поле на истражување и поттикна развој на нови третмани за рак и автоимуни болести.

Наградата што ја основал пронаоѓачот на динамитот, шведскиот физичар Алфред Нобел (1833 1896) се доделува за најголеми достигања во областа на физиката, хемијата, медицината, книжевноста, мирот и економијата.

Лауреатите на наградата за медицина ги идентификувале „безбедносните чувари“ на имунолошкиот систем – регулаторните Т-клетки (regulatory T cells), кои ги спречуваат имуните клетки да го нападнат нашето тело.

Имунолошкиот систем е неверојатно сложен и секојдневно нѐ штити од илјадници различни вируси, бактерии и микроби. Една од неговите најголеми вештини е способноста да ги разликува патогените од сопствените клетки на телото.

Клучните играчи во оваа одбрана се Т-клетките. Помошничките Т-клетки (Helper T cells) постојано патролираат и ги алармираат другите имуни клетки кога ќе откријат натрапник. Убиствените Т-клетки (Killer T cells) ги уништуваат заразените клетки или клетките на туморот. Проблемот е што Т-клетките користат рецептори со различни форми (како делови од сложувалка) за да откријат напад. Теоретски, телото може да создаде повеќе од 1015 различни рецептори. Неизбежно, некои од овие рецептори може да се врзат и за делови од сопствените ткива на телото, се посочува во образложението на Нобеловиот комитет.

Фундаменталното знаење стекнато преку откривањето на овие клетки отвори врата за многу медицински третмани:

Третман на рак, третман на автоимуни болести и трансплантација на органи.

Со своите револуционерни откритија, Брунков, Рамсдел и Сакагучи обезбедија фундаментално знаење за тоа како се регулира имунолошкиот систем, со што му донесоа „најголема корист на човештвото“.

Наградната сума од 11 милиони шведски круни (околу 1,2 милиони американски долари), ќе биде поделена подеднакво меѓу тројцата лауреати. Наградите, кои покрај паричната сума вклучуваат златен медал и диплома, формално ќе бидат доделени на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.

Нобеловата награда за физиологија или медицина е доделена 115 пати. Оваа награда ја освоиле 229 научници помеѓу 1901 и 2024 година.

Станува збор за една од петте нобелови награди основани во 1895 година со тестамент на Алфред Нобел.

Фото: EPA-EFE

 

ИЗДВОЕНИ