Овогодишната Нобелова награда за хемија им е доделена на Сусуму Китагава, Ричард Робсон и Омар М. Јаги, објави денес Кралската шведска академија на науките. Признанието го добиваат “за развојот на металооргански рамки (MOF)”.
Овие рамки содржат празнини низ кои можат да циркулираат гасови и хемикалии, овозможувајќи, на пример, извлекување на вода од воздухот во пустините, задржување на јаглерод диоксид или складирање на отровен гас.
Китагава (74) од Универзитетот Кјото во Јапонија, Робсон (88), Британец кој работи на Универзитетот во Мелбурн, и Јаги (60), Јорданец кој работи на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, “развија нова форма на молекуларна архитектура”, соопшти Академијата.
“Во нивните конструкции, металните јони функционираат како темели кои се поврзани со долги органски (базирани на јаглерод) молекули. Заедно, металните јони и молекулите се организирани за да создадат кристали кои содржат големи шуплини”, се вели во соопштението на Академијата.
Овие шупливи материјали се познати како металооргански рамки (MOF). Со модифицирање на градежните елементи што се употребуваат во MOF, хемичарите можат да ги конструираат да заловуваат и складираат одредени супстанции. Рамките исто така можат да иницираат хемиски реакции или да пренесуваат електрична струја, појаснуваат од Академијата.
“Металоорганските рамки поседуваат огромен потенцијал, отворајќи досега незамисливи можности за материјали креирани по мерка со нови функции”, изјави Хајнер Линке, претседател на Нобеловиот комитет за хемија.
Работата на тројцата истражувачи може да се искористи во борбата против климатските промени или загадувањето од пластичната амбалажа.
Тројцата научници ќе ја поделат паричната награда од 11 милиони шведски круни (1,17 милиони американски долари).