На престижната церемонија на финансискиот магазин „Банкер“ (Тhe Banker) во Лондон, НЛБ Банка – Скопје ја понесе титулата банка на годината за 2024 година. Ова признание ја потврдува континуираната посветеност на Банката кон извонредноста, иновациите и на услугата за клиентите во банкарскиот сектор.
Наградата за банка на годината претставува репер за квалитетот и достигнувањата во глобалната банкарска индустрија. Секоја година, „Банкер“ им оддава признание на водечките банки во светот што покажале исклучителни перформанси и лидерство на своите пазари, во насока на стратешки иницијативи, технолошки иновации, програми за одржливост и услуга за клиентите.
Издвојувајќи се токму по своите силни финансиски резултати, клиентски ориентираниот пристап, посветеноста кон дигиталната трансформација и зеленото финансирање, НЛБ Банка – Скопје по дванаесетти пат ја доби оваа престижна награда.
– Водени од очекувањата на клиентите за дигитални услуги, персонализација и за одржливост, вложивме во напредни технологии и во зелени иницијативи. Во текот на изминатата година ја унапредивме нашата дигитална платформа и развивме финансиски решенија приспособени на потребите на клиентите. Наш врвен приоритет е трансформација во целосно дигитална банка, при што истовремено ја продлабочуваме довербата на клиентите, поттикнуваме иновации и продолжуваме да бидеме одговорни лидери на пазарот – истакна претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка – Скопје, Тони Стојановски, додавајќи дека оваа награда е само уште една потврда за улогата на Банката во финансискиот систем и во севкупниот економски развој во земјава.
Во текот на минатата година, НЛБ Банка направи значителни инвестиции во решенијата за дигитално банкарство, обезбедувајќи за своите клиенти беспрекорни искуства, безбедни и лесни за користење. Фокусот на технолошкиот напредок и на одржливиот раст ѝ помогна на Банката да испорача широк спектар иновативни производи и услуги приспособени да ги следат еволуциските потреби на поединците и на бизнисите. Истовремено, како резултат на засилената деловна активност и на внимателното управување со ризици, НЛБ Банка оствари зголемена нето-добивка и забележа раст на кредитите и на депозитите, притоа континуирано вложувајќи во општествено корисни проекти и иницијативи.












