Низа прашалници за убиството на Вања и на Панче пред пресудата в среда

Истрага за човекот што наводно го однел „пакетот“ на Палчо

318

Грозоморното убиство на Вања и Панче до самиот крај од судскиот процес остана и, можеби, засекогаш ќе остане со низа прашалници во судските архиви. Семејствата на жртвите, кои само еднаш се појавија во судницата, тогаш кога требаше да сведочат, цел живот ќе го поминат во дилемата зошто некој ги грабнал нивните најблиски и веднаш ладнокрвно ги елиминирал, како да се политички заложници, а не невини луѓе, кои никому ништо не му згрешиле. Судењето ја подели јавноста во однос на доказите со кои Обвинителството ги докажуваше кривичните дела убиство и соучество во убиство и грабнување, поради лабавиот мотив користољубие и оружјето со кое Љупчо Палевски се товари дека ги убил жртвите, а од добро познати причина само на Велибор Манев и се актуализира на самиот финиш. Јавноста најде многу нелогичности  и во обвинението за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кое е поткрепено со полициски заклучоци дека од самиот почеток знаел за грабнувањето на својата ќерка, без да слушнеме во судница вербален или материјален доказ што ја поткрепува оваа теорија на инспекторите од насилен криминал, кои беа сведоци во корист на Обвинителството. Судијата Ивица Стефановски за само пет дена од последното судење ја закажа пресудата, в среда ќе образложи дали Обвинителството го убедило Судот или не во обвинението со кое се бараат доживотни затворски казни за обвинетите членови на Десна


Во Обвинителството, веднаш по објавата на Велибор Манев дека неговиот сопартиец З.Д. го однел синиот ранец, во кој Палевски го чувал пиштолот, да го уништи, онака како што се договориле, се отвори истрга против човекот чие име се појавува на самиот крај од процесот. Дали признал дека скрил или уште повеќе уништил клучен доказ, од ОЈО Скопје не откриваат во интерес на истрагата. З.Д., кој бил вработен како техничар во Народната банка, е осомничен за кривичното дело помагање сторител по извршено кривично дело.

– Тој што ќе помогне на сторител на кривично дело за кое е пропишана казна доживотен затвор, ќе се казни со затвор од една до десет години – пишува во ставот од делото, па логично е да се постави прашањето зошто Обвинителството побара поблага мерка за обезбедување, а Судот ја прифати, односно осомничениот да остане без пасошот и да треба да се јавува во Судот.

Извори од истрагата даваат логични објаснувања за весникот ВЕЧЕР зошто предложиле осомничениот да се обезбедува со поблага мерка, станува збор за стратегија што не можеме да ја објавиме во интерес на постапката. Она што може да се соопшти е дека истражителите со судска наредба правеле претреси на две места со цел да се обезбедат докази за кривичното дело. Оваа истрага, исто како и онаа за осомничениот возач на Палевски што го пренел до Турција, за помагање по извршување кривично дело, ќе зависи од пресудата в среда.

– Истрагата против ова лице претставува посебен предмет, кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела – објаснија од ОЈО Скопје во саботата.

Адвокатот на Палевски на крајот од петочното последно судење пренесе дека неговиот клиент му тврдел оти не постои таков човек, со тоа име и презиме, во партијата. Кога сведочеше во март, Манев рече дека по злосторствата, Палевски му се јавил од турската граница и му наредил да го предаде, како што рече, „пакетот“ на извесно лице, мислејќи на ранецот со пиштолот, за тој да се погрижи за него. Манев рече во сведочењето дека нема да го открие идентитетот на тоа лице, бидејќи е семеен човек и не сака да му наштети. По ова, Обвинителството не презеде ништо, уверувајќи дека постојат доволно докази со кои ќе ја докаже вината на обвинетите за киднапирањето и за убиството на Вања и на Панче. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ