Новите гасоводи што се градат во моментов, како што се македонскиот интерконектор со Грција и оние што се планирани да почнат да се градат од следната година, ќе ја зголемат употребата на гасот и ќе донесат уште поголема зависност од гориво што мора да се увезува. Развојот на гасната инфраструктура има силна институционална поддршка од ЕУ и од САД, од компаниите, како и од меѓународните развојни банки, како ЕБОР, чиј интерес е да се лобира за да се инвестира во развојот на гасната инфраструктура низ регионот.

Американски течен гас ќе протече низ гасоводот „Јужна интерконекција“, како и од гасниот конектор што го гради Македонија со Грција што за две години ќе пристигнува од терминалот „Александропули“

 

Над Западен Балкан се надвиснува заканата од гасната енергија, што значи зголемени емисии на јаглерод диоксид, ценовна нестабилност и енергетска несигурност. Во последниве години, земјите од регионот целата своја енергија ја насочија кон развој на зелената енергија преку изградба на капацитети од обновливи извори (сонце и ветар), со напори да го побијат опасниот мит за гасот како транзициско гориво, поради што регионот остана со недобро разгранета гасоводна мрежа.

Но, новите гасоводи што се градат во моментов, како што се македонскиот интерконектор со Грција и оние што се планирани да почнат да се градат од следната година, ќе ја зголемат употребата на гасот и ќе донесат уште поголема зависност од гориво што мора да се увезува. Развојот на гасна инфраструктура има силна институционална поддршка од ЕУ и од САД, од компаниите, како и од меѓународните развојни банки, како Европската банка за обнова и развој. Нивен интерес е да се лобира за да се инвестира во развојот на гасната инфраструктура низ регионот.

Македонија гради гасен интерконектор, БиХ и Хрватска од 2026

Новата енергетска слика во регионот ја креираат САД со новиот гасоводен мегапроект кој ќе стартува во 2026 година, а ги вклучува Босна и Херцеговина (БиХ) и Хрватска. Станува збор за изградба на нов гасовод „Јужна интерконекција“, долг 243 километри и за чија изградба се планираат околу 270 милиони евра. Овој гасовод по прв пат ќе овозможи проток на американски течен природен гас (ЛНГ) во БиХ.

Американски бродови за ЛНГ веќе пристигнуваат на терминалот за течен природен гас на Крк во Хрватска. Оттаму постои развиена гасна мрежа, но јужната гранка завршува во близина на Сплит, во градот Дугопоље. Оттаму ќе почне да се гради Јужната интерконекција во Хрватска до границата со БиХ во должина од 74 километри, за што се планирани околу 169 милиони евра.

Гасоводот ќе влезе во БиХ во близина на Посушје и ќе има два крака – кон Херцеговина и кон Централна Босна, при што ќе се изгради траса со вкупна должина од 169 километри, која ќе чини околу 100 милиони евра. Планираниот капацитет за интерконекција е до 1,5 милијарди кубни метри гас годишно. Гасоводот ќе го гради и со него ќе управува американска компанија.

Македонија забрзано го гради гасниот интерконектор со Грција, каде што нашата земја ќе се снабдува од терминалот за течен природен гас од пловниот објект „Александропули“, именуван во чест на градот и неговите жители кои го прифатија овој амбициозен проект од самиот почеток. Изградбата на гасниот интерконектор е со должина од 66,7 километри на потегот од Гевгелија до Неготино.

Интерконекторот почна да се гради од мај 2025 година и како што беше најавено, треба да биде целосно оперативен за 22 месеци, односно во текот на 2027 година. Ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност да се зголеми до 3 милијарди кубни метри. Вредноста на изградбата на проектот е околу 3,7 милијарди денари (60 милиони евра). Средствата се обезбедени со два заема, еден од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 28,9 милиони евра и друг од ЕБОР во износ од 45 милиони евра како и инвестициски грант од 12,5 милиони евра преку ИПА-инструментот на Европската Унија.

Изградбата на интерконекторот ја поздрави амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која истакна дека овој проект е стратешка инвестиција во безбедноста, просперитетот и суверенитетот, го зајакнува економскиот развој и е заложба за стабилна безбедна и одржлива иднина во однос на енергетиката, не само за двете соседни земји туку и за целиот регион.

Гасоводот ќе се користи за задоволување на домашните потреби од гас, а се планира да се прошири со два крака, еден кон Косово, а другиот кон Србија. Интерконекторот со Србија е поддржан од Европската комисија, и е вклучен во Акцискиот план на ЕУСАИР (Јадранско-Јонска стратегија за регионално поврзување).

Во Македонија и во Србија има оперативни централи на гас. Србија е најголемиот потрошувач на гас во регионот, а 90 % од потрошениот гас го увезува од Русија. За разлика од кај нас, како и во Албанија, БиХ и Црна Гора каде што се планираат вложувања за производство на енергија од гас од вкупно 2,6 гигавати, Србија енергетската сигурност ја гледа во порастот на соларната и на ветерната енергија (10,9 гигавати) и во намалувањето на потребите од увоз на гас. Македонија, пак, своите планови ги базира на гасниот интерконектор и во изградбата на когенеративни гасни централи со вкупна инвестиција од една милијарда евра што ќе ги гради турската „Казанџи груп“.

Од „Александропули“ ќе тече гас до Украина

Терминалот „Александропули“ започна со комерцијална работа во 2023 година и освен пловната единица за складирање и капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно (ФСРУ), се состои и од подморски и од копнен гасовод за пренос на природен гас, кој го поврзува ФСРУ со грчкиот преносен систем и преку него испорачува природен гас надвор од Грција до Бугарија и Романија на исток, до Молдавија и Украина, како и до Унгарија и Словачка на запад, а од 2027 година и кон Македонија, а понатаму кон Србија. Една четвртина од капацитетот на терминалот го закупи американската компанија „Венчр глобал ЛНГ“.

Украина ќе ги покрива зимските потреби токму од терминалот „Александропули“, каде што течниот природен гас ќе се регасифицира и ќе влезе во грчкиот систем, продолжувајќи кон север преку т. н. Вертикален коридор. Операторите на гасните системи на Украина, Молдавија, Романија, Бугарија и на Грција пред една недела договорија во терминалот да бидат резервирани вкупно 13,68 гигават-часови дневно, што претставува речиси 60 % од расположливиот капацитет за декември (23,18 гигават-часови/ден).

– Снабдувањето ќе биде исклучиво со американски ЛНГ, обезбеден преку заедничката компанија на грчката ДЕПА и „Акдор Атлантик си“, која неодамна склучи долгорочен договор за набавка на ЛНГ со американската компанија „Венчр глобал“, но сè уште нема дозвола за снабдување која треба да ја поднесе до грчкиот регулатор. Поради тоа, испораките што ги резервираше ДЕПА ќе стигнат до Украина преку т. н. триаголна трансакција: „Атлантик си“ ќе го купи американскиот ЛНГ, ќе го продаде на ДЕПА, која, пак, ќе го испорача на украинската компанија „Нафтогаз“ – пишува грчкиот весник „Екатимерини“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ