Во последните 5 години, дури 20 усмртени во семејно насилство

427
Протес во знак на револт на фемицидот во Велес

 

Јавноста бара одговорност од непостапувањето на полицијата, неказнивоста на судот и бавната истрага на обвинителството во случајот со младата Росица Коцева која беше до смрт избодена од нејзиното поранешно момче Илија Стефановски. Девојката неколку години го пријавувала физичкото и психичко насилство од момчето, а само неколку дена пред двојното убиство велешкиот суд условно го осудил за една од многуте пријави. Случајот кој ја згрози јавноста беше поттик многу жени на социјалните мрежи да го споделат искуството со насилниците и неадекватното однесување на полицијата

„Полицијата кај нас доаѓа речиси секој втор ден. Ова трае веќе една година. Заспиваме со врисоци на една жена и се будиме со нив. Полицајците доаѓаат, им држат лекции дека не треба да користат насилство, па си заминуваат,“ напиша девојка на ФБ.

За утре попладне е најавен протест со почеток во 17.30 часот пред МВР и блокирање на улицата пред паркот Жена борец во знак на револт од незаштитувањето на жените жртви од родово базирано насилство.

„Повикуваме на протест против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните, полицијата, обвинителството и судовите кои дозволуваат да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди и покрај пријавувањето и повиците за помош и заштита“, вели организаторот на протестот, граѓанската организација „Стела“.

Само во последните пет години изгубивме најмалку 20 жени како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство. Иако земјава е меѓу првите на Балканот што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство, сепак најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите и поддршка од заедницата, велат од „Стела“.

Опозицијата побара оставка од министерот за полиција Панче Тошковски и од целото СВР Велес.

„Жената повеќепати барала заштита, пријавувала закани, насилство, кражби, според некои медиуми над 70 пати.  Полицијата знаела, социјалните служби знаеле, институциите не мрднале со прст“, обвинија од СДСМ

Истрага против полициски службеници за евентуално непостапување на пријавите од Росица Коцева треба да поведе внатрешната контрола на МВР. Имало низа од пријави до СВР Велес и СВР Скопје против насилникот кој на крај со нож ја уби девојката и нејзиниот татко.

Иако постоеле судски мерки за забрана за приближување, сепак Илија Стефановски не ги почитувал а надлежните не постапувале. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ