Ниту еден македонски граѓанин во Иран досега не побарал помош од МНР

11

Ниту еден македонски граѓанин на територија на Иран досега не побарал помош од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР НТ), а шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски уверува дека сите ресурси се подготвени доколку има потреба од евакуација и покрај тоа што немаме резидентно дипломатско конзуларно претставништво во таа држава.

– Во моментов од нас не е побарана помош од ниту еден македопнски граѓанин на територија на Иран – изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Тој потсети дека МНР НТ пред неколку дена објави повик во кој ги информираше граѓаните дека не треба да патуваат во Иран поради влошената безбедносна состојба.

– Таму има навистина тенденција на влошување на безбедносната состојба и објавивме повеќе контакт телефони од МНР и од нашата Амбасада во Анкара, Република Турција кои можат да помогнат да се мобилизира државата доколку постои потреба од евакуација на наши граѓани. Со Иран билатералната соработка не е на највисоко ниво, тоа го знаете, немаме резидентно дипломатско конзуларно претставништво во таа држава, но сите наши ресурси се подготвени да ги ставиме на располагање доколку има потреба од евакуација на наши граѓани – рече Муцунски, на новинарско прашање при посетата на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.

Поради влошената безбедносна состојба во Исламската Република Иран, МНР НТ завчера упати апел до македонските граѓани, кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, да ја напуштат земјата при првите можни и безбедни услови. Истовремено, апелираше и да се одложат сите патувања во Иран, кои не се неопходни.

Како што информираа од Министеството, веќе се ставени на располагање негови капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија преку 24-часовниот СОС-дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected] , како и преку дежурниот телефонски број на дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.

ИЗДВОЕНИ